ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2013 ГОДИНА
АД „Електрани на Македонија“ во текот на 2013 година го продолжи трендот на инвестирање во значајни проекти за подобрување и за модернизација на постоечките капацитети, како и изградба на нови. Вкупната сума на инвестирани средства, како за реализираните така и за започнатите проекти, изнесува над 170 милиони евра.
ТЕРМОЕЛЕКТРАНИ
Ревитализација и модернизација на ТЕ „Битола“
Во 2013 година беше изведен зафатот за модернизација на котелскиот систем во ТЕ „Битола 2“. Проектот вреден 88,5 милиони евра опфаќа целосна промена на јагленовиот тракт, доводот на јаглен, доводот на воздух, промена на поголемиот дел од цевниот систем, намалување на нивото на штетните емисии и редица други зафати врз сите три термоблокови во РЕК „Битола“. Со целосната реализација на проектот што ќе заврши до октомври 2015 година, АД ЕЛЕМ ќе стане компатибилен во делот на емисија на азотни оксиди и ќе ги исполни најстрогите европски директиви за заштита на животната средина.
ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕЕ И ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ
Парк на ветерни електрани
Во мај 2013 година на локацијата Ранавец кај Богданци е поставен камен-темелник и почеток на градежните активности на паркот на ветерни електрани „Богданци“. Според воспоставената динамика, во текот на 2013 година е изградена потребната инфраструктура, придружните објекти како и дел од ветерниците. За својот прв ваков проект, АД ЕЛЕМ си постави за цел минимално годишно производство од 100 GWh од ветерна енергија или приближно 2% од моменталното годишно производство. Деталната анализа на локацијата покажа дека оваа големина на паркот на ветерни електрани целосно ќе ја оправда употребата на достапниот простор и ветерните ресурси, и дека токму локацијата Ранавеце најповолна за намената. Турбините се производство на Сименс – Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 MW, висината на столбот изнесува 80 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. ПВЕ „Богданци“се очекува да испорачуваат најмалку 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Македонија, или еден поголем град како Прилеп, Куманово, Тетово или Гостивар. Истовремено тие ќе ја зголемат инсталирана моќност за речиси 37 MW.
Со овој проект ќе се зголеми и учеството на обновливите извори во портфолиото на АД ЕЛЕМ и претставува уште еден показател за грижата на компанијата за животната средина.
Во проектот вреден 55.5 милиони евра, заемот од Владата на Сојузна Република Германија преку КФВ банката изнесува 47.9 милиони евра, додека 7.6 милиони евра издвои „Електрани на Македонија“ од сопствени средства. АД ЕЛЕМ во соработка со Владата на Република Македонија и во претстојниот период решително продолжува да ја развива и да ја промовира обновливата енергија и да гради еколошки прифатливи производствени капацитети за потребите на сите граѓани на Република Македонија.
ХИДРОЕЛЕКТРАНИ
Ревитализација на ХЕ – втора фаза
Во третата декада на февруари 2013 година почна ревитализација на хидроелектраните на АД ЕЛЕМ – втора фаза со која е предвидена замена на застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема. Исто така се интервенира и во градежниот дел кај хидроелектраните и кај нивните придружни објекти. Во рамките на реализацијата на проектот се инсталираше дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата на браните, потоа стабилностаи сигурност, како и нивните придружни објекти. Проектот вреден 32,8 милиони евра што ќе биде целосно заокружен до средината на 2014 година предвидува продолжување на животниот век на постојните хидроелектрани, како и зголемување на сигурноста и способноста, зголемување на инсталираната моќност од 18,31 МW и дополнително годишно производство од околу 50 GWh електрична енергија, количество доволно за задоволување на потребите на над 30.000 граѓани во Република Македонија.
РУДНИЦИ
Јагленовото лежиште Живојно
ЕЛЕМ инвестира 3,5 милиони евра за геолошки и геотехнички доистражувања и испитувања на јагленовото лежиште Живојно. Истражувањата се завршени во март 2013 година, а со изработката на елаборати за рудните резерви и нивнаревизија се заокружува процесот на доистражување во Живојно – како локација за нов рудник за јаглен, кој е неопходен за продолжување на животниот век на РЕК „Битола“. Проценките се дека во овој рудник, АД ЕЛЕМ ќе инвестира околу 103,5 милиони евра, а реализацијата би започнала по изработката на Главниот рударски проект.
Проширување на мрежата на ЕЛЕМ Енергетика
АД „Електрани на Македонија“ преку својата подружница „Енергетика“ од 1 јануари 2013 година почна да испорачува топлинска енергија за потрошувачите на целата територија на скопската населба Автокоманда. За таа намена, компанијата во текот на 2012 година го изгради магистралниот топловод во должина од два километри за населбата Автокоманда, инвестиција вредна 1,7 милиони евра направена на барање на граѓаните и на локалната самоуправа во соработка со Град Скопје. Со новата инвестиција, на мрежата на ЕЛЕМ Енергетика се приклучија дополнителни 1.854 семејства во 70 станбени единици, како и градинки, училилишта, спортски сали и трговски објекти.