ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2014 ГОДИНА
ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ
Во февруари 2014 година заврши изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“, прв ваков објект во Република Македонија, што ќе го користи ветерот како погонска сила за производство на електрична енергија. Подигнувањето и монтажата на ветерниците на локацијата Ранавец заврши на 20 февруари со што и официјално е заокружена најтешката фаза од изградбата која траеше 76 дена. Кон крајот на март 2014 година беше спроведена координирана операција на трите енергетски компании ЕЛЕМ , МЕПСО И ЕВН за приклучување на ветерниот парк на електропреносната мрежа преку трафостаницата во Валандово. Со тој зафат се создадоа потребните предуслови да започне тестирањето на комплетната опрема преку пробно производство на електрична енергија што почна на почетокот на април кога беа испорачани и првите киловат-часови кон електроенергетскиот систем на Република Македонија.
- Согласно планот на активности, по пробната работа што како фаза е пропишана од производителот на опремата, новиот енергетски капацитет ќе биде ставен на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија, односно ќе влезе во редовно производство.
- Турбините,како што веќе е познато се производство на Сименс – Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 MW, висината на столбот изнесува 80 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. ПВЕ „Богданци“се очекува да испорачуваат најмалку 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Македонија. Истовремено тие ќе ја зголемат инсталирана моќност за 36,8 MW. Со овој проект ќе се зголеми и учеството на обновливите извори во портфолиото на АД ЕЛЕМ и претставува уште еден показател за грижата на компанијата кон животната средина.
ХИДРОЕЛЕКТРАНИ
На 31 јули е означен крајот на еден од најсложените технички зафати изведени во постојните енергетски хидрокпацитети во сопственост на АД ЕЛЕМ. Целосно е заокружена ревитализацијата на хидроелектраните – втора фаза и е означен нов почеток за модернизираната хидроелектрана „Вруток“. Проектот во сиот свој обем вреден 36,6 милиони евра што почна во февруари 2013 година, ќе обезбеди продолжување на животниот век на нашите големи хидроелектрани и нивните придружни градежни објекти, како и зголемување на нивната сигурност и способност. Во целиот процес целосно е завршена замената на застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема.
Зголемена е и инсталираната моќност за дополнителни 18,31 МW како и годишното производство на електрична енергија за околу 50 GWh. Во периодот од февруари 2013 до јуни 2014 година етапно беа целосно ревитализирани сите четири агрегати. Инсталираната моќност на четирите агрегати е зголемена од 37,5 MW на 41,4 MW или 4 MW по агрегат. Придобивките од ревитализацијата на генераторите во ХЕ „Вруток“ се:
- зголемување на инсталираната моќност на хидроелектраната од 150 MW на 166 MW со речиси иста потрошувачка на вода по агрегат,
- зголемување на нивната ефикасност,
- зголемување на способноста на системот, како и продолжување на работниот век за наредните три децении.