Охридското и Дебарското Езеро порибени со млади јагули

АД ЕЛЕМ и годинава финансиски ја поддржа акцијата за порибување на Охридското и на Дебарското Езеро. Во водите на двете езера беа пуштени приближно 870 килограми квалитетен подмладок од јагули.

Порибувањето на двете езера, ЕЛЕМ, во соработка со неколку институции, го спроведува традиционално секоја година. Со тоа се обезбедува обновување и зачувување на овој ендемски вид риба чиј пат за природно размножување е прекинат со изградбата на браните на ХЕЦ „Глобочица“ и на ХЕЦ „Шпилје“. Вкупната вредност на подмладокот од јагули со кој годинава се порибуваа двете езера изнесува околу 45.000 евра, средства во целост обезбедени од АД ЕЛЕМ.

Подмладокот од јагула е набавен од мрестилиште во Грција и е со просечна тежина од 24 грама од единка и пред да биде пуштен во водите на двете езера, престојувал во карантин во струшкото мрестилиште „Шум“ каде биле извршени неопходните здравствени анализи и бактериолошки испитувања. Со оваа акција го зачувуваме овој ендемичен вид од исчезнување, а со тоа придонесуваме и за еколошка стабилност на целиот регион.

Одржувањето стабилна популација, со интервенција на човекот, е од исклучителна важност за зачувување на природните вредности на езерата. Само на тој начин ќе се одржи природната рамнотежа на Охридското и на Дебарското Езеро како екосистеми од глобална важност.  АД ЕЛЕМ како општествено одговорна компанија ќе ја продолжи практиката за оплеменување на фондот на јагулите и во иднина, со што континуирано ќе обезбедува обновување и зачувување на овој вид риба.