АД ЕСМ ДОДЕЛИ 5 НОВИ СТИПЕНДИИ НА СТУДЕНТИ ОД ТЕХНИЧКИ ФАКУЛТЕТ – БИТОЛА
АД ЕСМ додели 5 нови стипендии на студенти од Техничкиот факултет во Битола, во рамките на својата програма за стипендирање студенти од техничките науки, електротехниката и информациските технологии. Генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, им порача на судентите дека како стипендисти на државната компанија за производство на електрична енергија треба да ја бараат својата иднина во капацитетите на АД ЕСМ и стекнатото знаење да го вложат во зајакнување на електро-енергетската сигурност на државата.
,,АД ЕСМ секоја година распишува конкурс за стипендирање на 25 до 30 нови студенти од државните универзитети во Скопје, Битола, Штип и во Тетово, со годишна стипендија која изнесуваше 60 илјади денари, но од минатата година ја зголемивме на 80 илјади денари. Се залагаме за тоа да им се даде до знаење на младите луѓе дека има иднина за нив во Р. Северна Македонија и дека институциите знаат да препознаат и да поддржат амбициозни и подготвени студенти, кои имаат визија да го дадат најдоброто од себе кога ќе се вклучат во работниот процес” – порача Ковачевски.
Директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски изрази надеж дека стипендистите ќе ја градат својата кариера токму во РЕК Битола каде нивното стручно образование ќе се искористи во развојот на комбинатот, особено во иднината во која претстои значаен предизвик, а тоа е енергетската трансформација на РЕК Битола.
Деканот на Техничкиот факултет-Битола, Стојанче Нусев, изјави дека инженерските студии се сè повеќе барани во стопанството и оти смета дека стипендирањето уште повеќе ќе го зголеми интересот на младите за запишување на технички факултети.