АД ЕСМ УЧЕСТВУВАШЕ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ТРАНЗИЦИЈА 2021-2022 НА ЕВРОПСКАТА БАНКА ЗА ОБНОВА И РАЗВОЈ (ЕБОР)

Директорката за финансии Добрила Стефаноска, учествуваше на презентацијата на  Извештајот за транзиција 2021-2022, што го изработи Европската банка за обнова и развој.

Извештајот ги анализира трендовите во 38 земји во кои ЕБОР инвестира и ги истакнува развојните јазови меѓу економиите кои напредуваат, но и на оние кои заостануваат со развојот на дигиталните сервиси. 

Економистите на ЕБОР истакнаа дека економското опоравување  во Северна Македонија започна во 2021 година, и беше водено од зголемена домашна и надворешна побарувачка, како и од фактот дека изгледите за раст годинава се позитивни.

Зголемувањето на цените за електрична енергија и храна, пореметувањата во глобалното снабдување во одредени сектори и зголеменото нестабилно надворешно опкружување, го запре напредувањето на растот.

ЕБОР, во соработка со комерцијалните банки, им нуди на компаниите пристап до финансирање за инвестиции во зелени и дигитални технологии под кредитната линија за конкурентност на МСП. Покрај кредитите, компаниите добиваат и грант до 15 отсто од вредноста на кредитот, со што инвестицијата станува попристапна.

Дигитализацијата, е решението за подигнување на потенцијалот за раст на домашната економија и затоа мора да се посвети посебно внимание на овој дел, и покрај предизвиците што ги носат глобалните кризи.

Кај нас, напорите треба да се насочат кон посоодветна дигитална инфраструктура, но уште повеќе кон подигнување на дигиталните вештини. Колку се поограничени дигиталните вештини, толку е потешко да се користат новите технологии и поограничени се изгледите за раст, во свет којшто го презема дигиталниот сектор.