КОВАЧЕВСКИ ЗА УТРИНСКИ БРИФИНГ: АД ЕСМ УСПЕШНО СЕ СПРАВУВА СО ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА, ИНВЕСТИЦИИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ ДА СЕ РЕАЛИЗИРААТ

-Ние сме една од ретките држави во регионот, која во услови на здравствена, економска, енергетска и воено-политичка криза, немаше ни еден ден рестрикции на струја, немаше намалено производство и намалено снабдување со електрична енергија,- рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во своето гостување за Утрински брифинг.

АД ЕСM, со силна поддршка од Владата, успешно се справува со енергетската криза. Со задолженија од Владата, со огромни напори на целата компанија, раководството и вработените, успешно менаџираме 6 продукти, поврзани со енергетската и топлинската  криза  во  земјава,  надвор од нашите основни производствени капацитети и обврски.

АД ЕСМ 100 процентно го снабдува ЕВН Хоум за потребите на граѓаните, кое снабдување е наша законска обврска по определена регулирана цена, но дополнително ја снабдуваме со електрична енергија и ЕВН Електродистрибуција за системските загуби во мрежа, снабдуваме енергија за системските загуби во мрежата на МЕПСО. Со работата на ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО имаме заштеда од 37 милиони евра. Исто така ја менаџираме и топлинската криза преку БЕГ и Скопје Север.

-Иднината на државата се обновливите извори, и во енергетска криза ние не запираме со нивната реализација, инвестициите продолжуваат, во тек се 12 проекти. Паралелно работиме и на енергетската транзиција, инвестиции што ги реализираме и што се во план, кои треба да ја подобрат енергетската состојба,- истакна Ковачевски. ФЕ Осломеј 10 MW е пред официјално пуштање во употреба, а капитален проект за нашата компанија е проектот ЈПП Чебрен, кој ќе биде најголем балансен капацитет во регионот.

-Планот за производство во 2022 година е 20 отсто поголем од 2021-ва, со зголемено производство, сигурно и стабилно, се обидуваме цената на струјата да не предизвикува шокови. Исто така, бараме начин да им помогнеме на институциите, на стопанството, кои се најзагрозени во моментов од енергетската криза, и планираме со продажбата на вишоците да ги помогнеме. Со намалено купување електрична енергија, и зголемено домашно производство, цената на електричната енергија повторно ќе биде со најмало зголемување во државата, и во регионот,- потенцира Ковачевски.

ЛИНК ОД ВИДЕОТО НА УТРИНСКИ БРИФИНГ