ФОТОНАПОНСКАТА ЕЛЕКТРАНА ОСЛОМЕЈ ВО КИЧЕВО ИМА ЕНЕРГЕТСКА ВРЕДНОСТ, НО И ЕКОЛОШКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ОКОЛИНАТА
Согласно законските одредби, концесионерот на рудно наоѓалиште по исцрпувањето на рудата има обврска да го уреди и облагороди просторот и да го врати земјиштето во првобитната состојба. Фотонапонската електрана на АД ЕСМ изградена во кругот на РЕК Осломеј во Кичево истовремено е и рекултивација на земјиштето на кое во минатото се ископувал јаглен.
Панелите поставени врз стариот рудник за јаглен ќе произведуваат ,,зелена” електрична енергија, нема да го загадуваат воздухот и околината, а просторот околу нив ќе биде засеан со трева, која истовремено ќе го врати еко-системот и ќе спречи насобирање прашина врз фотонапонските панели и намалување на нивната ефикасност.
Од тие причини, проектот Фотонапонска електрана во Осломеј е значен не само заради неговите енергетски вредности, туку е важен и од еколошки аспект за поблиската и подалечната околина на РЕК Осломеј.
Електраната во моментот е функционална, веќе го користи сонцето кое го има во изобилие на ова поднебје и дава придонес во вкупното дневно производство на АД ЕСМ.