ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ ЗА МИА: РАБОТИМЕ ДА ГО ЗГОЛЕМИМЕ ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО, ЌЕ ИМА И СТРУЈА И ГРЕЕЊЕ
Во интервју за државната новинска агенција МИА, премиерот Димитар Ковачевски посочува дека енергетската криза е голем предизвик на светско ниво, но со работа на домашните капацитети државата ќе обезбеди поголемо производство на електрична енергија. Годинава, нагласува премиерот, планот за производство на ЕСМ е зголемен за 20 проценти споредено со ланското производство и треба да изнесува 3.736 гигават часови.
– Точно е дека оваа зима ќе биде најтешка на нашата генерација, но заедно ќе ја пребродиме. Енергетската криза е голем предизвик на светско ниво, со воената агресија врз Украина дополнително се направија поместувања на пазарот, има недостиг на енергенси, повисоки цени, но ќе менаџираме успешно како и претходната година, вели премиерот, додавајќи дека институциите континуирано ја следат ссотојбата и врз база на анализи и експертски консултации се носат мерки во интерес на граѓаните и заштита на стандардот.
Осврнувајќи се на новиот тарифен модел за пресметка на цената на струјата, Ковачевски појаснува дека станува збор за еден вид на праведен данок, односно оние кои трошат помалку, да плаќаат помалку, а оние кои трошат повеќе, да плаќаат повеќе. Целта е да се поттикне рационално и ефикасно користење на електричната енергија и поголемо субвенционирање на ранливите категории на домаќинства.
Во делот на парното греење по одземањето на лиценците на БЕГ, Ковачевски вели дека по завршување на законските процедури ќе биде објавен јавен повик за избор на компанија која ќе ја преземе обврската за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Скопје.
– Оттука, согласно Законот за енергетика, а на предлог на Министерството за економија и Регулаторна комисија за енергетика, Владата ќе спроведе постапка за избор на вршител на енергетска дејност. Нов вршител треба да се избере за период не подолг од 90 дена од денот по приемот на известувањето од Регулаторната комисија за енергетика. Верувам дека сите постапки и процедури ќе бидат завршени, навремено и во рок се со цел грејната сезона да започне согласно планот. Граѓаните знаат дека и минатата година и покрај сите предизвици, државата преку ЕСМ го презеде работењето на БЕГ се со цел граѓаните да имаат топли радијатори. Сите механизми кои ни стојат на располагање ќе бидат искористени во интерес на граѓаните, порачува Ковачевски.