Термоелектраните „Битола“ во наредниот период ќе работат со два термоблока

Термоелектраната „Битола 3“ е исклучена од електроенергетската мрежа поради потребата од санација на скинат профил во цевниот систем од котелот. Интервенцијата се очекува да биде завршена во наредните 72 часа, по што термоблокот ќе биде подготвен за производство на електрична енергија.

Согласно планот за работа, до крајот на месецов, термоелектраните Битола ќе функционираат со две третини од својот капацитет. Со максимален капацитет, односно со три термоблокови ќе се работи во период од јануари и  февруари.

Во меѓувреме, најголемиот дел од потребите за универзалниот снабдувач ЕВН Хоум,односно за домаќинствата, системските услуги и загубите во мрежата, АД ЕСМ ги обезбедува од сопствени извори, а дел преку увоз на електрична енeргија.