Членови на Надзорниот одбор на АД ЕСМ учествуваа на меѓународната конференција „Нова ера на енергетиката“

Претседателот на Надзорниот одбор на АД ЕСМ, Иван Куковски заедно со членот на НО Александар Мурговски, учествуваа на Меѓународната стручна конференција „Нова ера на енергетиката“: Каде се регионалните електростопанства денес-планови за иднината.

Куковски во својство на панелист, со своите соговорници дискутираа на тема „Развој на електростопанството во новата ера на енергетиката“. Во своето излагање, тој ги презентираше тековните и идните проекти на компанијата, кои се усогласени со стратегијата за одржлив раст, унапредување на енергетската транзиција, инвестирање во енергетска ефикасност и зелен развој.

„Задоволен сум што имав можност да бидам дел од еден ваков значаен настан и да го пренесам ставот на Владата и на АД ЕСМ за сериозните предизвици што нè очекуваат во процесот на енергетска транзиција, декарбонизацијата и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Без развој на енергетиката нема економски развој на државите, таа игра клучна улога во подобрувањето на пристапот до чиста енергија и сигурен сум дека овој настан ќе помогне да ги вмрежиме ставовите со колегите од регионот во насока на зајакнување на нашите заеднички цели за енергетска трансформација“-потенцираше Куковски.

Конференцијата се одржа во Белград во организација на редакцијата „Енергија Балкана“.