АД ЕСМ преку поволен кредит од германската КфВ банка почнува нов инвестициски циклус во обновливи извори на енергија
АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна КфВ банка почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија. Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала Битола 2 и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“. Средствата за овие два значајни проекти, во износ од 55 милиони евра, се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии, по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од 5 години.
Договорот за заем денеска го потпишаа Мориц Ремé (Moritz Remé), директор на канцелариите на КфВ банка во Скопје и во Приштина и Лазо Узунчев, генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ. Додека Договорот за гаранција го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот Мориц Реме.
„Како Влада ја препознаваме потребата од зголемување на производството на зелена енергија и во таа насока е издадената гаранција за реализација на овој Договор, а воедно со тоа и за обезбедување на потребните средства за финансирање на проектот за Ветерниот парк Богданци – фаза 2 и Фотонапонска електрана Битола 2. Овие проекти се дел од инвестицискиот циклус којшто го почнуваме и на кој го темелиме нашиот развој во иднина. Владата има сериозен пристап и ќе ги вложи сите напори да се реализираат проектите кои ќе имаат додадена вредност за економијата“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека тој инвестициски циклус е поддржан и со висок износ на планирани капитални инвестиции во Буџетот за 2025 година.
„Ми претставува вистинско задоволство што АД ЕСМ по долго време повторно влегува во еден сериозен и динамичен инвестициски циклус. Благодарение на одличните односи со КфВ банката во којашто гледаме сериозен партнер за зајакнување на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем, продолжуваме да го трасираме патот кон одржливо енергетско сценарио преку реализација на нови проекти од обновливи извори. Со средства од нашиот партнер, АД ЕСМ, веќе реализираше значајни зафати, а во наредниот период продолжуваме со засилено темпо кон реализација на нови проекти“, потенцираше Узунчев по потпишувањето на Договорот за заем.