АД ЕСМ се сеќава на загинатите градители
АД ЕСМ вчера одбележа 69 години од големата трагедија кога во огромни лавини животот го загубиле 52 лица – градители на хидроенергетскиот систем Маврово. По тој повод, раководството и вработените во ХЕС Маврово положија цвеќе на споменикот на загинатите градители подигнат близу браната кај Маврови Анови.
Ноќта помеѓу 10 и 11 февруари,1956 година, по долината на Радика, во околината на селата Рибница, Торбешки мост и Стрезимир, неколку снежни лавини се урнале врз куќи, бараки на градежници и караули при што биле затрупани стотина луѓе. Спасувачките екипи успеале да извлечат само половина од нив. Споменикот на градителите близу браната во село Маврови Анови е подигнат во 1970 година, а ја симболизира нивната храброст и пожртвуваност. На местото има и спомен плоча на која се врежани имињата на сите загинати во оваа трагедија.
Од изградбата до денеска, мавровскиот енергетски систем континуирано се надградува и обновува и со производство на електрична енергија значително придонесува во снабдувањето со електрична енергија на сите граѓани на нашата држава. По повод трагичниот настан од 1956 година, во знак на сеќавање на загинатите, традиционално се одржува и Мавровскот меморијал на кој активно учество земаат натпреварувачи од повеќе европски држави.“, рече во своето обраќање директорот на ХЕС Маврово, Александар Левкоски.
Покрај вработените од АД ЕСМ, цвеќе на споменикот положија делегации на Општина Маврово Ростуше и Здружението на акцијаши од Гостивар. Одбележувањето заврши со едноминутно молчење во знак на почит кон загинатите во една од најсмртоносните лавини на Балканот.