ХЕ Глобочица
Хидроелектраната Глобочица е дел од хидроенергетскиот систем ХЕС Црн Дрим. Се наоѓа во западна Северна Македонија на реката Црн Дрим, околу 30 км. северно од Струга. Оваа деривациона електрана, која го затвора тесниот профил на реката Црн Дрим, со својата акумулација врши неделно израмнување на дијаграмот на потрошувачка.
Акумулацијата е со волумен 55.300.000 м3 вода, од кои корисниот волумен е 13.200.000 м3 вода. За акумулацијата со посебни доводи се доведуваат водите на реките Јабланска и Селечка Река. Последната е приклучена во водостојот и оттука преку тунелот се води во акумулацијата.
Историјат
1954 – 1956
Во овој период се работени Идејните проекти со инвестиционата програма
1957 – 1961
Започната е изработка на Главниот проект, за во 1960 година да започне и изградбата на електраната
1965
Пуштање во работа на ХЕ Глобочица
1990-2000
Во мај 1998 година е склучен Договор за Заем со Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) – Светската банка (СБ). Средствата од овој заем во износ од 61,5 милиони германски марки беа наменски доделени на ЈП ЕСМ за реализација на Проектот под наслов “Проект за подобрување на електроенергетскиот систем во Република Македонија”.
2001-2005
Успешно е реализирана ревитализација на шесте големи хидроцентрали во Република Македонија, еден извонредно значаен и комплексен проект. Генерално, четирите основни придобивки од ревитализацијата на постојните хидроелектрани во Република Македонија се:
- Зголемување на инсталираната моќност во хидропроизводството со што се постигнува подобрување на примарната и секундарната регулација во системот,
- Зголемување на хидропроизводството на електрична енергија,
- Намалување на оперативните трошоци на работењето на хидроелектраните,
- Намалување на можноста за испади на хидроагрегатите, електраните и воопшто намалувањето на непланираните испади во ЕЕС.
2014
Со завршувањето на еден од најсложените енергетски зафати-реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД ЕЛЕМ, заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните „Маврово“, „Глобочица“ „Шпилје“, „Тиквеш“, „Козјак“ и „Света Петка“. Во рамките на проектот инсталирана е дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти.
Доводен систем
Доводниот тунел под притисок е со кружен пресек и должина од 7.688 м, дијаметарот е 4,40 м, V=3,1 м/s. Прагот на влезниот објект поставен е на кота 673,50 м.н.в. Водостaнот е цилиндричен тип со пригушител, две долни проширувања од кои едното се користи како деривациона комора и една горна комора од диференцијален тип со преливен праг и отвор во вид на вертикална шахта низ која се воведуваат зафатените води од Селечка Река.
Брана и акумулација
ХЕ Глобочица има камено – насипна брана со висина од 94,5 м, при што се формира акумулација со вкупен волумен од 58.000.000 м3 вода, од кои корисниот волумен изнесува 13.000.000 м3 вода. Нормалното проектирано работно ниво на акумулацијата е 687,50 м.н.в., а минималното е 682,00 м.н.в.
Хидроелектрана
Хидроелектраната Глобочица е проектирана и изведена со инсталирана моќност од 42 MW и годишно производство од 180 GWh електрична енергија. Машинската зграда се наоѓа на десниот брег на р. Црн Дрим, на 7,8 км низводно од браната, непосредно возводно од вливот на Селечка Река. Во зградата се сместени 2 агрегата опремени со Францис турбини со вертикална оска, поставени на кота 576,75 м.н.в., како и со трофазни синхрони генератори. Трансформаторите се сместени надвор од машинската зграда. Локацијата на разводната постројка 110 kV е надворешна.
Основните карактеристики на ХЕ Глобочица се: | |
Тип на електрана | прибранска-акумулациона |
Локација | Струга |
Слив | Река Црн Дрим |
Број на агрегати | 2 |
Инсталирана моќност | 42 MW |
Просечно годишно производство | 180 GWh |
Пуштање во работа | 1965 |
Нето висински пад | 97,5 м |
Инсталиран проток | 50 (2×25) m3/s |
Тип на турбина | Францис |