ТЕЦ Осломеј
ТЕЦ Осломеј, како дел од рударско енергетскиот комбинат РЕК Осломеј, е втора термоелектрична централа според инсталирана моќност во Република Северна Македонија која своевремено учествуваше со приближно 10% во вкупното домашно производство на електрична енергија. ТЕЦ Осломеј се состои од еден блок со вкупна инсталирана моќност од 125 MW, а започнала со работа во 1980 година. Оваа термоелектрична централа моментално ги користи како основно гориво преостанатите количини од локалниот лигнит од рудникот Осломеј – Запад (басен Кичево), со просечна калорична вредност од 7600 kJ/kg, со специфична потрошувачка од 1,5 kg/kWh, и дополнителна специфична потрошувачка на мазут од 2,16 gr/Wh.
Поради празнење на достапните резерви на јаглен, како и сериозните пречки што произлегуваат од социјално – културната средина во однос на можноста за експлоатација на наоѓалиштето Поповјани ((басен Кичево) со експлоатациони резерви од 9.000.000 тони), оваа електрична централа се соочува со голема несигурност во поглед на снабдувањето со гориво.
Со цел продолжување на работниот век на ТЕЦ Осломеј, од страна на реномирани консултанти, во 2015 година изработена е физибилити студија за модернизација на централата што препорачува користење на увозен јаглен со повисока калорична вредност. Стратегиската цел е прецизно утврдување на моменталната состојба на ТЕЦ Осломеј со цел продолжување на животниот век на оваа централа во согласност со националните барања и барањата на ЕУ за животна средина и обезбедување долгорочно и одржливо снабдување со јаглен.
Целите на проектот треба да ги покриваат следните аспекти:
- продолжување на работниот век на ТЕЦ Осломеј за најмалку 30 години;
- обезбедување гориво за работа, вклучувајќи иистражување на пазарот;
- усогласување со директивите на ЕУ (ИЕД директива 2010/75/ЕУ) и обезбедување највисоки стандарди во врска со заштитата на животната средина каде се намалуваат емисиите на CO2, SOx, NOx и прашина согласно дозволените емисии во ЕУ по 2016 година;
- употреба на најдобра расположлива технологија (BAT).
Студијата содржи и анализа на потенцијалните снабдувачи со јаглен со повисока калорична вредност со квантитативна и квалитативна потврда (сертификат), како и сигурносни анализи за периодот што следува.
За реализација на овој проект предвидени се капитални инвестиции во износ од 126 милиони евра од којшто износ најголем дел е предвиден за изградба на новиот котел за согорување на висококалоричен јаглен. Целосната имплементацијата на проектот е планирано да се реализира во период од 4 години.