Домашното производство на електрична енергија во јануари натрфлено за 8,61 отсто
Производните капацитети на АД Електрани на Македонија во јануари годинава испорачаа над 501.201 MWh за потребите на домаќинствата и малото стопанство. Со овој резултат производствениот план за потрошувачите што се на регулираниот пазар за електрична енергија за првиот месец од 2017 година е натфрлен за 8,61 отсто. Во услови на енормно зголемен конзум поради екстремно ниските температури од кои беше зафатена Република Македонија, потрошувачите во континуитет ги добиваа потребните количини од електрична енергија со што домашните производствени капацитети обезбедија 90 отсто од потребната електрична енергија, додека 10 отсто од потребите биле надополнети преку набавка на електрична енергија.
Термоелектраните „Битола“, „Осломеј“ и комбинираната електрана „Енергетика“ кумулативно произвеле повеќе од 337,210 MWh што претставува 0,72 отсто натфрлање на планот од тие извори, хидропотенцијалите испорачале над 152,730 MWh или 28,91 отсто повеќе од предвиденото во билансот, додека паркот на ветерни електрани Богданци партиципирал со 11,260 MWh односно 37,59 отсто повеќе во однос на планот во билансот. Во вкупно произведените количини електрична енергија, најголем удел имаат термоенергетските постројки со 68 отсто, 30 отсто од енергијата е обезбедена од хидроелектраните и 2 отсто се произведени од ветер.
Најголем удел во производството од хидропотенцијалите има хидроенергетскиот систем „Маврово“ кој само во првиот месец реализирал 25 отсто од предвидениот годишен план. Најмал удел од хидропотенцијалите е регистриран кај хидроелектраните по течението на Црн Дрим, ХЕЦ Глобочица и ХЕЦ Шпилје. Согледувајќи го сушниот период во охридското сливно подрачје, истекот се прилагодувал согласно водостојот на Охридското Езеро. ХЕЦ Глобочица не го исполнила месечниот план за производство, односно произвела 38,1 отсто помалку електрична енергија во однос на очекуваното, а ХЕЦ Шпилје испорачала 32 отсто помалку електрична енергија во однос на билансот.
АД ЕЛЕМ преку својата подружница ХЕС Црн Дрим и понатаму ќе ги презема сите расположливи мерки во насока на зголемување на водостојот на Охридското Езеро. Согласно референтните податоци на УХМР, со растот на надворешните температури и топењето на снегот на околните планини, во изминатите денови се регистрирани зголемени дотеци во езерото што условија неговото ниво да се подигне за четири сантиметри. Истекот на езерото во Црн Дрим е прилагоден во режим на биолошки минимум и останува на сила во наредниот период.