ПОДРУЖНИЦА РЕК БИТОЛА ЈА ОФИЦИЈАЛИЗИРА СОРАБОТКАТА СО ОПШТИНИТЕ БИТОЛА, НОВАЦИ И МОГИЛА

Денес, во просториите на АД ЕЛЕМ, подружница РЕК Битола, директорот Васко Ковачевски потпиша Меморандуми за соработка со општините Битола, Новаци и Могила. Соработката која и досега постоеше помеѓу Комбинатот и трите општини, со Меморандумите е правно – формално регулирана со цел да обезбеди рамка за искористување на капацитетите што ги имаат страните потписнички на документот, во рамките на можностите и надлежностите.

“АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, освен најзначаен капацитет за производство на електрична енергија во Република Македонија, претставува и општествено одговорна компанија која своите активности во заедницата ги темели врз Декларацијата за општествена одговорност и Стратегијата за социјални одговорности, од каде што извира и потребата од соработка со општините Битола, Новаци и Могила во различни области што се во надлежност на локалната самоуправа, меѓу кои и екологија, образование, социјална политика, инфраструктура, култура, туризам, спорт итн. РЕК Битола помагал и ќе помага на заедницата.

„Многупати не се исклучиво пари во прашање за да се подобрат одредени состојби, туку квалитетната соработка и доброто менаџирање со ресурсите што ги имаат заинтересираните страни. Овие Меморандуми ќе ни го овозможат токму тоа – да соработуваме поинтензивно и да ги искористите сите можности што ни стојат на располагање”, рече директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски по чинот на потпишување на Меморандумите.

Градоначалниците на Битола, Новаци и Могила подвлекоа дека и досега локалните самоуправи соработувале со АД ЕЛЕМ и со подружницата РЕК Битола. Меморандумите овозможуваат развивање на конкретни проекти и активности

“Во оваа прилика сакам да им го честитам Денот на рударите на сите вработени во РЕК Битола и да им посакам добро здравје и успешна работа и во иднина. Ингеренциите што ги има секоја локална самоуправа, вклучително и Општина Битола, во голем дел се поклопуваат со поддршка од РЕК Битола. Сме ја имале во сиот изминат период поддршката во стручен кадар, но и од финансиски карактер. Денешното потпишување на Меморандумот е само потврда на таа соработка, продлабочување на истата и овозможување во иднина уште поуспешно да делуваме заеднички, во интерес на сите граѓани”, рече градоначалникот на Битола, Наташа Петровска.

“Денешното официјализирање на соработката што ја имаме со РЕК Битола, а со тоа и со АД ЕЛЕМ, значи многу за Општина Новаци, особено заради фактот што и седиштето на Комбинатот, всушност е во нашата општина. Со РЕК Битола во следниот период ќе ја интензивираме соработката особено во областа на заштитата на животната средина и инфраструктурата”, порача градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузмановски.

“Општина Могила е многу благодарна за досегашната соработка со РЕК Битола и за поддршката која во многу наврати Комбинатот и ја дал на могилската локална самоуправа. Нашата соработка мора особено да се интензивира во областа на екологијата. Впрочем, можам да најавам дека со средствата што Општина Могила ги добива од РЕК Битола за загадувањето на животната средина, годинава ќе бидат изградени паркови во Будаково и Мусинци”, рече градоначалникот на Могила, Јасмина Гулевска.

АД ЕЛЕМ, подружница РЕК Битола настаните по повод Денот на рударите ги завршува утре со серија хуманитарни активности.