Доделени 8 нови стипендии од енергетските компании за студентите на ФЕИТ
Енергетските компании АД ЕЛЕМ, АД МЕПСО и ЕВН Македонија, денеска, доделија нови осум стипендии на најдобрите студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии(ФЕИТ).
За деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, македонското стопанство се’ повеќе бара електроинженери како кадар.
„Стопанството уште повеќе бара инженери. Постојано сме сведоци на фактот дeка многу наши студенти, уште во школски клупи, почнуваат со работи за домашни или странски компании. Тоа само ја потврдува нашата верба во квалитетот кој го нудиме на студентите и на бизнис заедницата. Затоа, ФЕИТ продолжува во иста насока и со исто темпо да образува квалитетен кадар кој уште од студентски клупи ќе се вклучи во процесот на производство и дистрибуција на енергија“, вели професор Ташковски.Компаниите помагаат ФЕИТ да ја оствари својата мисија на едуцирање квалитетни кадри преку нивна поддршка со доделување годишни стипендии, за кои месечен износ е 6.100 денари.
,,АД Електрани на Македонија, како општествено одговорна компанија, сака да вложува во младите луѓе, сака да помогне во продуцирањето кадар, особено од областа на електротехниката и информациските технологии, како и од други области кои се барани во стопанството и на кои во иднина уште повеќе ќе почива индустријата и целата економија. Бројот на млади луѓе во образовниот процес кои ги помагаме е навистина значителен и ние како компанија и како раководство сме горди на тоа , среќни што можеме да дадеме наш придонес”, вели Иван Трпески, директор за развој и инвестиции на АД Електрани на Македонија.