Градинката „Пролет“ во Козле опремена со прочистувачи за воздух, донација на АД ЕЛЕМ
Градинката „Пролет“ во Козле доби 15 нови прочистувачи за воздух, девет од нив донација на АД ЕЛЕМ. Со нив, сите објекти на градинката „Пролет“ се опремени со прочистувачи за воздух. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека во претстојниот период локалната самоуправа ќе се фокусира на опремување со прочистувачи на основните училишта.
–Во изминатиов период навистина инвестираме многу на полето на детската заштита, а во ова ни помагаат и голем број на општествено одговорни компании. Сакам да се заблагодарам на ЕЛЕМ за донацијата –рече Богоев.
Опремување на воспитно-образовните установи со прочистувачи за воздух е само една од мерките кои ги презема локалната самоуправа, со цел да обезбеди побезбеден престој на најмладите во градинките.
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, д-р Драган Миновски посочи дека компанијата ќе продолжи да биде општествено одговорна и во претстојниот период. „Електрани на Македонија“ во изминатата година донираше прочистувачи за 32 училници во основни училишта и за 43 занимални во градинки низ Македонија.
Соработката која се воспостави меѓу локалната самоуправа и компаниите, по ова прашање, претставува добар пример за конкретен придонес кон локалната заедница и основа за нови акции кои го штитат јавниот интерес.