Охридското Езеро порибено со околу 30.000 јагули
Охридското Езеро денеска беше порибено со околу 30.000 парчиња подмладок од јагула со големина од 25 до 40 грама од АД ЕЛЕМ во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Порибувањето се изврши на пет локации кај Радожда, Калишта, во близина на градското крајбрежје и во охридскиот дел кај одморалиштето „Андон Дуков“ и во близина на Свети Јован Канео.
Директорот на подружницата на ЕЛЕМ, ХЕС „Црн Дрим“ Тони Маркоски посочи дека компанијата ја продолжува традицијата со порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагула, поради попречувањето на патот за природен мрест на јагулата со изградба на електраните
– АД ЕЛЕМ продолжува традиционално да го порибува Охридското Езеро со подмладок од јагула. Обврската почнала уште во далечната 1965 година кога е изградена електраната Глобочица и не се направени патишта за јагулата која се враќа од Јадранско море преку реката Црн Дрим во Охридско Езеро. Со изградбата на Шпилје подмладокот што доаѓал во електраната се собирал и се фрлал во водите на езерото- појасни Маркоски.
Како што објасни Маркоски, решен е проблемот поради кој четири години не се извршило порибување со јагула, иако ЕЛЕМ постојано одвојувал средства и објавувал тендери за оваа намена.
– Минатата година се надмина овој проблем, склучивме договор со компанијата „Преспа Стар“ која и порано вршела порибување и денеска ќе се релаизира овој договор. Во наредниод период АД ЕЛЕМ ќе реализира дополнително порибување од околу два тони нова риба со што ќе се надополни испуштеното од минатите години и традицијата ќе продолжи и во иднина -нагласи Маркоски.
Претставникот од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Зекир Положани истакна дека вршат контроли и водат сметка за квалитетот и квантитетот на младите единки што треба да се фрлат во езерото.
– Водиме сметка и вршиме контроли врз квалитетот и квантитетот на рибниот фонд и младите единки што треба да се фрлат во овој еко систем. Јагула има и сега ќе се фрлат околу 30.000 единки кои имаат идеални услови да се развиваат во Охридското Езеро – истакна Положани.
Според концесионерот за заловување јагули во Струшкиот дел на Охридското Езерот Милорад Шапкоски, последните години рибниот фонд на јагула е намален.- Ја поздравуваме акцијата на ЕЛЕМ за порибувањето на езерото со млади единки. ЕУ имаше забрана за влез и излез на јагула за земји што не се членки и затоа не се порибувало неколку години. Имаме проблеми со рибокрадците, но тие не се главна причина за намалување на рибниот фонд. Проблем беше што изминатите 10 години имаше забрана, езерото немаше сопственик, но сега со концесијата мислам дека овој проблем ќе биде решен – изјави Шапкоски.