Доделени стипендии за најдобрите студенти на ФЕИТ
АД ЕЛЕМ, АД ЕВН Македонија и АД МЕПСО им доделија стипендии на 14 најдобри студенти со завршена прва година на електроенергетски насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ). АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО ќе стипендираат по пет студенти, а АД ЕВН поддржа четворица студенти од тој факултет.
– Ова е петтата генерација студенти на ФЕИТ која добива стипендија од енергетските компании. Првата генерација која беше стипендирана веќе е дел од кадарот на компаниите. Тоа покажува дека проектот е успешен за факултетот бидејќи се подобрува конкуренцијата и квалитетот на студирање, но и за енергетските компании кои се во можност да ги добијат најдобрите студенти, а се надевам во иднина и најдобрите инженери, рече деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски пред додделувањето на стипендиите.
Помошник директорот за производство на АД ЕЛЕМ Антонио Ивановски истакна дека во
изминатите години стипендирале 14 студенти на ФЕИТ и додаде дека и во иднина ќе продолжат со поддршката на најуспешните академски граѓани.
– Студентите ги гледаме како потенцијални идни колеги и менаџери кои во иднина ќе придонесат за унапредување на енергетиката во Република Македонија. Нашите идни енергетичари биле доволно силно мотивирани да го задржат успехот низ студирањето и да се истакнат со своето знаење и интерес кон науката, а со тоа секако и да го задржат правото на стипендирање низ сите години на совладување на знаењата. Со овој чин се надеваме дека ќе ги поттикнеме и дополнително мотивираме да ги вложат сите свои сили и капацитети и да постигнат забележителен успех во својата мисија да станат дипломци од оваа институција, а во иднина и истакнати професионалци во електро – енергетскиот сектор- рече Ивановски.