Конференција за енергетските предизвици
Домаќинствата во Македонија трошат повеќе од 44 отсто од вкупно потрошената електрична енергија во земјава од кои најголем дел за греење. Наш фокус ќе биде да најдеме алтернативи и да ја намалиме потрошувачката на електрична енергија за греење преку гасификација и инвестиции во енергетските извори. Ова го изјави претседателот на Здружението за енергетика при Стопанската комора на Македонија, Ристо Јаневски, на Конференцијата за енергетските предизвици на државата.
– Конференцијата ја организираме со цел да ги запознаеме стопанските субјекти со предизвиците со кои се соочува енергетскиот сектор во Република Македонија и неговата одржливост во иднината. Целта на здружението и на целиот енергетски сектор е да се изнајдат добри решенија, да се најдат инвестиции и да се продолжи рокот на траење на производните капацитети за електрична енергија, како и да се реализира зацртаното во Стратегијата за развој на енергетиката, изјави Јаневски пред почетокот на конференцијата. Тој нагласи дека под одржлив развој на енергетскиот сектор подразбира обезбедување на квалитативна и квантитативна количина на енергенси потребини за развој на стопанството и нагласи дека за тоа се неопходни инвестиции во модернизирање на постојните енергетски објекти и мрежи-рече Јаневски.
Генералниот директор на АД Електрани на Македонија, Дејан Бошковски потенцира дека цел на компанијата е да обезбеди силно, стабилно и континуирано производство на електрична енергија во следните години. Нагласи дека АД ЕЛЕМ само минатата година вкупно инвестирале над 57 милиони евра за доизградба на ветерниот парк Богданици и за втората фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани.
– Сметам дека е потребно во овој период да се фокусираме на базната енергија, односно на термоенергијата, бидејќи ЕЛЕМ обезбедува речиси 90 отсто од домашната енергија од кои 80 отсто ги добива од термоелектраните.Во фаза на реализација е изградбата на централен топлификациски систем во РЕК Битола што ќе ги задоволува потребите на општините Битолa, Новаци и Могила. За таа намена, додаде, се вложуваат 47 милиони евра. Покрај тоа, како што рече, продолжува и втората фаза на модернизацијата на РЕК Битола со која се предвидува намалување на емисијата на NOx i SOx, а се планира и модернизација на ТЕЦ Осломеј и приспоспобување на работа на увозен висококалоричен јаглен – посочи Бошковски.
– Дури 104 милиони евра се предвидени за наоѓалиштето на јаглен во Живојно, како и 126 милиони евра за отворање на новиот јагленокоп во Мариово. Се планира и доистражување на сите наоѓалишта на јаглен во Македонија – рече Бошковски.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер, порача дека е неопходна модернизација на инфраструктурата за да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија во иднина.
– За да имаме добро електроснабдување треба да се фокусираме на обновливите извори на енергија. Сметам дека е неопходно во Македонија да има повеќе ветерни и соларни електрани. На тој начин покрај добро снабдување со електрична енергија ќе се заштити и животната средина, рече претседателот на УО на ЕВН Македонија.
Генералниот директор на АД МЕПСО, Синиша Спасов нагласи дека МЕПСО располага со 507 километри 400 киловолтна и 1.514 километри 110 киловолтна преносна мрежа, пет трансформаторски станици од 400 киловолтно и 66 од 110 киловолтно напонско ниво. Просечната старост на 110 киловолтните далекуводите на МЕПСО е 35 години, а на 400 киловолтните 22 години, додека просечниот животен век е 50 плус минус 18 години.
Тој нагласи дека во наредните 10 години се планира МЕПСО да вложи над 155 милиони евра во подобрување на преносната мрежа од кои, како што рече, поголемиот дел се веќе обезбедени. Потсети дека веќе е завршена реконструкцијата на преносната мрежа во Полошкиот и Пелагонискиот крај, направени се приклучоци на новите трафостаници во Драчево, Петровец, Бунарџик и Теарце и додаде дека МЕПСО е подготвено да направи приклучоци и за новите електрани кои се планираат, како и трафостаници секаде каде што ќе биде неопходно.