АД ЕЛЕМ го претстави проектот топлификација на општина Битола
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски во придружба на своите соработници, денеска во општина Битола го претстави проектот за топлификација во пелагониските општини.На прес конференција Бошковски истакна дека топлификацијата на Битола е еден од приоритетните проекти на АД ЕЛЕМ чија подготовка на проектната документација ќе биде заокружена оваа есен, а потоа ќе следи јавна постапка за избор на изведувач на мрежата.
– Денеска ја презентиравме трасата по која ќе минува магистралниот цевковод, дистрибутивната мрежа низ градот Битола, потстаниците од кои ќе доаѓа топлинската енергија до домаќинствата и други отворени прашања кои ќе ги решаваме во соработка со локалната самоуправа – нагласи Бошковски.
Физичката реализација на проектот топлификација на Битола ќе почне на стартот на 2015 година, а придобивките ќе се почувствуваат во 2017 година кога секое домаќинство ќе може да користи топлинска енергија од РЕК Битола.
– Првичните планирани инвестиции изнесуваат околу 60 милиони евра за што имаме согласност од КфВ банката дека ќе го поддржи овој проект. Очекуваме законот за задолжување да биде донесен од страна на Парламентот во ноември со што ќе биде потврдено финансирањето на овој проект – посочи Бошковски.
Според градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, проектот топлификација е стратешки и директно влијае врз заштитата на животната средина.
– Овој проект е ветен на граѓаните на општина Битола. Сакаме поранешната мрежа да биде составен дел на проектот, односно да ги искористиме сите постоечки ресурси. Проектот ќе ја има посакуваната динамика затоа што заеднички ќе ги предвидиме и ќе ги решаваме потенцијалните проблеми. Овој проект ќе има позитивни финансиски и еколошки ефекти, бидејќи граѓаните ќе добијат евтина топлинска енергија, а ќе ја заштитиме и човековата околина- рече Талески.
На заедничката прес-конференција на првите луѓе на АД ЕЛЕМ и општина Битола беше потврдено дека топлинската енергија ќе може да ја користат и жителите од пелагониските општини Могила и Новаци, и посебно земјоделците кои ќе се определат за оранжериско производство.