Почнува изработката на проектната документација за топлификација на Битола и регионот

АД „Електрани на Македонија“ почнува со подготовка на проектната документација потребна за изградба на системот за топлификација во Битола. Фирмата изведувач „Енергосистем“ од Скопје до второто полугодие од 2014 година има задача да изработи проект за инфраструктура за транспортен вреловод и вреловодна дистрибутивна мрежа. Исто така, ќе бидат изработени и основните проекти за изградба на транспортен вреловод, примарна и секундарна мрежа, локални предавателни пумпно – топлински станици за населбите Новаци и Логоварди и локална примопредавателна пумпно топлинска станица за потребите на земјоделските оранжерии. До крајот на јуни наредната година ќе биде завршен и основниот проект за изградба на вреловодна станица во РЕК „Битола“ со моќност од 200 мегавати топлинска енергија.

Во рамките на инвестицискиот зафат за топлификација на Битола, веќе е изведена реконструкција на турбините на два термоблока во РЕК „Битола“ , зафат во вкупна вредност од 4 милиони евра. Во текот на модернизацијата на РЕК Битола, во два термоблокови целосно е овозможено регулираното одземање на пареа со вградување на обвојници на новите преструјни цевководи помеѓу цилиндрите за висок и низок притисок. По изготвувањето на проектната документација, АД ЕЛЕМ ќе распише меѓународен јавен повик за изведувач на изградбата на топлификационата мрежа по чиј избор ќе почнат и градежните работи на терен.

Со цел да се анализира оправданоста на изградбата на централен топлификационен систем во Битола и околината е изготвена техно-економска студија за избор и концепција на централен топлификационен систем базиран на топлинска енергија од РЕК „Битола“. Со оваа студија е конципиран централниот топлификационен систем и елементите кои влегуваат во неговиот состав. Студијата е изработена од загрепскиот ЕКОНЕРГ- институт за енергетика и заштита на животната средина.

Со воведувањето на топлинската енергија за греење во дел од Пелагонискиот регион, значително ќе се намали потрошувачката на електрична енергија за греење и ќе се зголеми сигурноста и доверливоста на дистрибутивната мрежа во Битола и околината. Исто така, значително ќе се намали употребата на нафта и огревно дрво во домаќинствата, што дополнително ќе ја редуцира емисијата на стакленички гасови. Проектот се очекува целосно да биде реализиран во наредните неколку години.

Вкупниот износ на инвестицијата за топлификација на Битола во првата фаза изнесува 66.650.000 евра. Дел од тие средства би се обезбедиле од заем во износ од 57.000.000 евра, за што германската KFW Банка веќе изрази подготвеност за соработка, додека 9.650.000 евра ќе обезбеди АД ЕЛЕМ од тековното работење.