Ревитализацијата на шесте хидроелектрани ќе заврши до средината на 2014 година

Проектот за ревитализација на шест хидроелектрани – втора фаза и интервенциите во градежниот дел кај хидроелектраните и кај нивните придружни објекти е во завршна фаза, информираше Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ при денешната посета на браната Мавровското Езеро во село Леуново. Со инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти ќе биде зголемена. Според првиот човек на АД ЕЛЕМ, оваа крупна инвестиција ќе биде завршена во предвидениот рок.

– Проектот вреден 32,8 милиони евра, ќе биде целосно заокружен до средината на 2014 година. Со него е предвидено продолжување на животниот век на постојните хидроелектрани и зголемување на нивната сигурност и доверливост. Со ова се зголемува инсталираната моќност за дополнителни 18,31 мегавати, а годишното производство на електрична енергија за околу 50 гигавати. Тоа во пракса би значело задоволување на потребите на над 30.000 граѓани, рече Бошковски.

Екипа на АД ЕЛЕМ одблизу ги следеше работите поврзани со Мавровските хидроелектрани каде заврши доградбата на браната Леуново, што овозможи зголемување на акумулацијата на Мавровското Езеро и можност за прифаќање дополнителни 32.550.000 кубици вода или 50 гигават часа електрична енергија. Со овој зафат всушност се обезбедува доволно простор за прифаќање на нови количини вода при зголемени дотоци кои вообичаено се јавуваат во пролетниот период.

За овој зафат се инвестирани околу 790.000 евра, појасни генералниот директор Бошковски. Од ЕЛЕМ информираа дека завршена е и реконструкцијата на Речкиот канал, а во завршна фаза е и реконструкцијата на Шарскиот канал и доводот на шарски води. Извршена е и санација на Тољанскиот тунел на најкритичните делници.
Во рамки на проектот „Ревитализација на шест хидроелектрани“ – втора фаза, ревитализирана е инјекционата завеса на браната на ХЕЦ Шпилје, а привршува и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните Маврово, Глобочица, Шпилје, Тиквеш, Козјак и Св.Петка.