Ветерните електрани влегуваат во последната фаза од изградбата

Паркот на ветерни електрани „Богданци“ влегува во својата финална фаза од изградбата. Вчера од пристаништето во Солун преку граничниот премин Богородица почна транспортот на компонентите од кои ќе бидат изградени ветерните турбини. Самиот транспорт е исклучително сложена операција. За превоз на само една ветерница потребни се десеттина огромни камиони за секоја од компонентите пооделно, што формираат конвој подолг од еден километар.

Тежината на сите компоненти распоредени во камионите надминува 330 тони. Во шест камиони се распоредени перките за ветерницата и сегментите за столбот, во еден камион се пренесува гондолата, во еден наглавокот, а во два се распоредени помали парчиња. Најголема тежина има гондолата во која се наоѓа генераторот и овој товар тежи 85 тони. Возилото со кое се превезува наглавокот што претставува компонента која ги спојува перките тежи 28 тони. Трите камиони што ги транспортираат перките се долги преку 50 метри, а секој носи товар од 12 тони, а оние што се натоварени со сегментите за столбот тежат од 50 до 60 тони.

– Во наредните денови ќе почне и монтажата на ветерницата, а паралелно ќе продолжат да пристигнуваат и да се монтираат останатите турбини на локацијата Ранавец кај Богданци. Согласно воспоставената динамика, ќе се транспортираат по две ветерници неделно, што како операција ќе тече во наредните два месеци, а ветерниот парк се очекува да биде ставен во функција во текот на првото тромесечје од наредната година – вели Дејан Бошковски, генералниот директор на АД ЕЛЕМ.

Турбините, производство на Сименс – Данска, се меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2,3 MW, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри.

Во мај годинава на локацијата Ранавец кај Богданци беше поставен камен темелник за почеток на градежните активности на ПВЕ Богданци. До овој момент, завршена е изведбата на потребната инфаструктура и придружни објекти за  ветропаркот. Изградена е патна инфраструктура, приклучен далековод, командна зграда и 20/110KV трафостаница, а паралелно тече ископот и бетонирањето на темелите за ветерниците.

Проектот „Богданци“ предвидува изградба на 16 ветерни електрани кои се очекува да испорачуваат околу 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на 60.000 граѓани на Република Македонија. Истовремено тие ќе ја зголемат инстралираната моќност на АД ЕЛЕМ за 36 ,8 MW. Со овој проект ќе се зголеми и учеството на обновливите извори во производството на АД ЕЛЕМ.

Во овој проект вреден 55,5 милиони евра, АД ЕЛЕМ вложи 7,6 милиони евра сопствени средства, а останатите 47,9 милиони евра се заем од Владата на Сојузна Република Германија преку КФВ банката.