Отворена меѓународна работилница за регионална и прекугранична соработка во енергетиката и нуклеарната енергија

Денеска во Скопје е отворена Меѓународна работилница  за регионална и прекугранична соработка во енергетиката и нуклеарната енрегија, во организација на АД ЕЛЕМ, МАНУ и Меѓународната агенција за атомска енергија(МААЕ). Со свои ставови во однос на повеќе теми учествуваат еминентни експерти од Агенцијата за атомска енергија  и претставници на повеќе релевантни институции и компании во Европа.

-Убеден сум дека оваа средба  дополнително ќе ја зголеми  соработката во областа на енергетиката на регионално ниво. Овој собир е од особен интерес за Балканот и пошироко, бидејќи ќе овозможи подобро разбирање на регионалните прашања во индустријата за електрична енергија и ќе овозможи размена на идеи и потенцијални решенија. АД  ЕЛЕМ како најголем производител на електрична енергија во Република Македонија има задача постојано да ги следи светските трендови во енергетиката, внимателно да ги разгледува и анализира можностите од воведување нови технологии и нови извори на енергија.  Верувам дека работилницата е еден од  првите чекори во создавање на дополнителни можности за развој  на регионалното снабдување со електрична енергија -истакна Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ во своето обраќање.
Заменик претседателот на Владата за економски прашања Владимир Пешевски на Меѓународната работилница изјави дека во наредните четири денови, меѓу повеќето теми ќе се разгледуваат и прашања од аспект на регионалната соработка во доменот на нуклеарната енергетика.
– Македонија нема нуклеарна енергетска програма и се уште нема донесено одлука да отпочне со нуклеарна програма во сопствени или регионални проекти, но Владата во континуитет ги следи меѓународните трендови и случувања во оваа област, а посебно е заинтересирана за регионалните трендови и за соработка со соседните земји на оваа поле- истакна Пешевски.
Тој посочи дека во изминатите неколку години со препорака на Владата формирана е група во АД ЕЛЕМ која има задача да спроведува истражувања и да ги прати регионалните и светските трендови во нуклеарната енергетика и во новите трендови за производство на енергија и да ги обучува своите кадри во таа област. Групата треба да собира и материјали кои ќе бидат потребни за Владата да може да ги процени своите интереси и можности  за учество во самостојни и регионални проекти во областа на нови енергетски извори.

– Очигледно  е дека изградбата на енергетска инфрастуктура е неопходна за започнување  на нуклеарна енергетска програма и оти бара големи вложувања од финансиска и кадровска природа. Затоа е неопходно да се поткрепи со регионална соработка. Токму оваа работилница е значаен чекор напред кон унапредувањето на регионалната соработка- потенцира Пешевски. Според вицепремиерот за економски прашања, една одговорна влада треба да направи соодветни подготовки и да формира квалитетен  кадар со цел вклучувањето на Македонија во нуклеарната програма во рамките на регионот да биде на квалитетен начин. Неодговорно би било, нагласи Пешевски да се биде априори против било каква технологија доколку одлуката за тоа не е базирана на квалитетно знаење, меѓународни стандарди и стратешко планирање.
– Во изминатите две години воспоставивме соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија во делот на почетните сознанија кои една држава треба да ги има за нуклеарната енергетика. Тоа не е знак дека Македонија се вклучува во нуклеарната енергетика и дали има донесено таква одлука, туку дека на одговорен начин правиме потребни анализи со цел во даден временски период од неколку години да можеме да дадеме одговор на прашањето, особено од аспект на регионот – нагласи Пешевски.
Иван Виденовиќ од МААЕ истакна дека нуклеарната енергетика е комплексна област во која најважниот сегмент  е изградбата на инфраструктурата која, пак, подразбира изградба на многу сегменти  во државата кои се потребни да ја поддржат.
– МААЕ јасно ја препознава важноста на соработката меѓу експертите во проекти за нуклеарна енергија и во однос на регоналната енергетска безбедности во смисла на нуклераната безбедност. Денешната работилница е организирана бидејќи МААЕ смета дека малите држави кои се во регионот сами за себе немаат финансиски, инфраструктурни и стручни капацитети за реализација на толку скапи проекти. Затоа регионалната соработка е неопходна. Агенцијата, како што потенцира Виденовиќ, не се занимава со тоа дали и кој ќе гради нуклерана централа во регионот. Нејзината цел е да даде вистинска проценка на енергетските услови во земјите.
– Мандатот на МААЕ е реално да се поценат енергетските потреби на земјата и да се исклучи нуклеарната енергија доколку не е остварлива. Но, сепак долку земјата членка реши да почне да се занимава со нуклеарна енергија МААЕ ги прави сите напори да го поддржи соодветното градење на индустриската и правната инфраструктура   и безбедното распроедување на нуклеарните полнења, потенцира Виденовиќ.