Почна петтиот меѓународен конгрес за рударство „Балканмајн 2013“

Во наредните два дена, над 300 учесници, експерти од областа на рударството од 14 земји  ќе презентираат  преку 130  трудови, претставувајќи ги технолошките достигнувања и перспективите на рударството во поширокиот регион, како и примената на  најновите технологии во оваа дејност од клучно значење за иднината на стопанството и енергетиката на Балканот, рече Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ и почесен претседател на организацискиот Комитет на меѓународниот конгрес „Балканмајн 2013“  што деновиве  се одржува во Охрид.

Се надевам, се обрати Бошковски,  дека овој настан ќе даде значаен придонес во насоките според кои ќе се движи развојот на една од најклучните стопански гранки, воопшто.

Токму рударството и континуираната потрага по нови ресурси се цврста платформа за остварување економски раст. Наша основна цел во годините што  доаѓаат е да обезбедиме суровина за термоелектраните што ќе обезбеди сигурна енергетска иднина. Тоа е  предизвикот кој треба да не’ води,  со цел тука да извлечеме заклучоци, кои ќе  го покажат патот по кој треба да се движиме во наредните години.

-Верувам ќе се согласите дека што поскоро треба да ги интензивираме активностите и да ги преземеме сите расположливи мерки, со цел што поскоро да отвориме нови капацитети, а воедно да ги прошириме и најрационално да ги искористиме постоечките ресурси, притоа мислејќи не само на енергетските суровини- јаглен, туку и на другите природни ресурси, кои припаѓаат во индустријата за метали и неметали -подвлече Бошковски.

Бошковски се осврна на активностите што АД „Електрани на Македонија“ ги превзема во моментов и на она што Република Македонија го има како потенцијал во однос на јагленовите лежишта. Со извршените регионални и детални геолошки истражувања на територијата на Македонија утврдени се преку дваесет наоѓалишта и локалитети на јаглен со различни потенцијали, квалитативно – квантитативни параметри и степен на геолошка истраженост. Локалитети со поголеми рудни резерви од јаглен се Пелагонискиот, Кичевскиот, Мариовскиот, Скопскиот и Тиквешкиот басен, а со помали рудни резерви Делчевскиот, Беровскиот, Струшкиот и Преспанскиот басен.

-Република Македонија, потребите од електрична енергија ги обезбедува со повеќе 80% преку ТЕ Битола и ТЕ Осломеј од произведениот јаглен во рудниците во Битола и Кичево. За нивното користење потребно е да се обезбедат реални квалитативно- квантитативни параметри, дефинираност на техничко -технолошките можности за нивниот приоритет на експлоатација, потребните инвестициони вложувања со економска валоризација и намалување на производните влијанија врз животната средина. Во својата развојна политика за навремено обезбедување на експлоатациони резерви на јаглен, АД „Електрани на Македонија“ систематски превзема соодветни активности за доистражување на потенцијалните наоѓалишта за експлоатација на јаглен. Во рамките на ваквата определба треба да се споменат истражувањата во јагленовото наоѓалиште „Мариово“. За ова наоѓалиште  АД ЕЛЕМ во текот на 2009 и 2010 година изврши доистражување и изработка на елаборати. Изработените елаборати имаат карактер на Сводни елаборати, односно во нив освен од досегашните сублимирани резултати,  земени се во предвид и резултатите од порано изведените истражувања и испитувања. Врз нивна база беше изработен Главниот рударски проект за експлоатација на јагленот од наоѓалиштето Мариово со примена на подземна експлоатација- нагласи Бошковски.

Што се однесува до  проектот за истражување на јагленовото  наоѓалиште Живојно, АД ЕЛЕМ веќе инвестира над  3,5 милиони евра за геолошки и геотехнички доистражувања и испитувања.  Истражувањата се завршени во март годинава,  а  со  изработката на  Елаборати за рудните резерви и нивната ревизија се заокружи процесот на доистражување на локацијата погодна за нов рудник за јаглен, кој е неопходен за продолжување на животниот век на РЕК Битола.

Ова наоѓалиште, рече Бошковски ќе биде уште еден потенцијален рудник во Македонија  каде јагленот ќе се вади со примена на подземна технологија за експлоатација. По ревидирањето на Елаборатите од деталните геолошки доистражувања, количината од геолошките рудни резерви на јаглен со кои ЕЛЕМ ќе може да располага од наоѓалиштето Живојно изнесуваат 101,6 милиони тони јаглен. Сегашните проценки се дека во овој рудник, компанијата ќе инвестира околу 100 милиони евра, а реализацијата би започнала после изработката на  Главниот  Рударски проект, чија изработка би траела околу две години.

Бошковски кој и официјално го отвори овој меѓународен конгрес им посака успешна работа на учесниците на „Балканмајн 2013“.

Во рамките на конгресот е отворен и саем на компании од областа на рударството  присутни на пазарот во Република Македонија и во поширокиот регион. „Балканмајн“ се одржува на секои две години, а првпат беше организиран во Варна, Република Бугарија.

Главен покровител на „Balkanmine 2013“ е  АД „Електрани на Македонија“,  а организатори се Здружението на рударски и геолошки инженери(ЗГРИМ) и  Факултетот за природни и технички науки при универзитетот „Гоце Делчев“.