Германска поддршка за два енергетски проекта на АД

АД ЕЛЕМ и германската банка КфВ потпишаа договор за заем во износ од 35 милиони евра  предвиден за реализација на два енергетски проекта на АД „Електрани на Македонија“. Точно 15 милиони евра ќе бидат искористени за доизградба на паркот на ветерни електрани  „Богданци“, а останатите 20  милиони евра ќе бидат насочени за реализација на проектот  ХЕЦ „Шпилје 2 “.
Оваа поддршка од КфВ банката, денеска беше овозможена преку потпишување на Спогодбата помеѓу владите на Република Македонија и СР Германија за финансиска соработка за програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии, фаза III”. Истовремено, во Министерството за финансии беа склучени и два договори – за заем меѓу АД ЕЛЕМ и КфВ банка, како и Договор за гаранција помеѓу Министерството за финансии и КфВ банка.

Заемот во износ од 35 милиони евра е со рок на отплата од 12 години со грејс период од три години и фиксна каматна стaпка од 2,5 проценти.
– Со денешното потпишување на спогодбата се обезбедуваат  финансиски средства потребни за реализација на значајни проекти во делот  на обновливите извори на енергија  со кои ќе успееме да се приближиме кон целта, 20 проценти од македонското производство на електрична енергија да биде од ОИЕ заклучно со 2020 година – рече вицепремиерот и министер за финансии Ставрески по потпишувањето на спогодбата.

Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер се надева оти со реализацијата на двата проекта нема да престане соработката меѓу Македонија и Германија.
– Сметам дека овие два проекти на ЕЛЕМ ќе бидат само почеток на понатамошната соработка  во областа на енергетиката меѓу двете земји-рече Штајнакер.

Претставничката на КфВ банката за Македонија, Естер Гравенбихтер истакна дека во изминатиот период преку КфВ банка во Македонија се инвестирани 270 милиони евра.
– Би сакале да ја поддржиме Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија и кон производство на електрична енергија без емисија на стакленички гасови. Со изградбата на ПВЕ „Богданци“ за помалку од две години Македонија ќе може да снабдува повеќе од 20.000 семејства со чиста енергија произведена од ветер – рече Гравенбихтер.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски рече дека денеска се потврдува финансиската рамка за изградба на ПВЕ „Богданци“, првиот капацитет за производство на електрична енергија од ветер во Република Македонија.
– Овој проект вреден 55,5 милиони евра се очекува да има годишно производство од околу 100 гигават-часови електрична енергија што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинства на околу 60.000 граѓани на Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми и инсталираната  моќност  на АД ЕЛЕМ за 36,8 мегавати  –  рече Бошковски.

Бошковски  истакна дека производителот на опремата „Сименс“ од Данска веќе ја почна испораката на ветерниците.

– Во моментов тие се наоѓаат во Солун, а според воспоставената динамика нивната монтажа на терен се очекува да почне кон крајот на идниот  месец. Ако се оди според предвиденото, на крајот од  годинава очекуваме ветерниот парк да биде вклучен во електроенергетскиот систем на Македонија –  рече Бошковски.  Во однос на проектот „Шпилје 2“ Бошковски нагласи дека со новата инсталирана моќност од 70 мегавати, ќе се зголеми и производството на електрична енергија од обновливите извори на енергија во портфолиото на АД ЕЛЕМ.