Словенечкиот претседател ја посети ХЕ „Св.Петка“

Словенечкиот претседател  Борут Пахор, во рамките на својата официјална посета на Република Македонија  ја посети хидроелектраната Света Петка. Придружуван од  генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски, директорот за производство на АД ЕЛЕМ Димитар Танурков и директорот на ХЕС „Треска“ Миле Славевски, претседателот Пахор при обиколката на овој енергетски објект беше запознаен со можностите на хидроелектраната и нејзиното  значење за домашниот електроенергетски систем.

Во изградбата на ХЕ „Света Петка“ учествуваа повеќе словенечки компании, а главен изведувач беше „РИКО“ од Љубљана. Најновиот електроенергетски објект во портфолиото на АД „Електрани на Македонија“ што официјално е вклучен во електроенергетскиот систем во август минатата година  е  инвестиција вредна 75 милиони евра.  Станува збор за еден од најсложените и најспецифични релизирани градежни зафати во Република Македонија.

ХЕ Св. Петка како дел од повеќенаменскиот хидросистем Скопско Поле, потсистем Козјак – Матка, има основна намена да го искористи хидроенергетскиот потенцијал на истечните води од ХЕ Козјак и локалните води од сливот на реката Треска. Оваа акумулација овозможи  постојано пререгулирање на дневните истечни води од ХЕ Козјак.

Нејзината инсталирана моќност од 36,4 MW и годишното проектирано производство од околу 66 GWh ќе значи дополнително домашно производство на еколошки најприфатлива електрична енергија за околу 40.000 граѓани во Република Македонија. Хидроелектраната е опремена со  најмодерна техника и технологија произведена во  Словенија и Австрија.

Во изградбата на хидроелектраната се искористени висококвалитетни градежни материјали, најмодерна техника и технологија со што се обезбедува високотехнолошко ниво на опременост, минимални трошоци за одржување, сигурен систем и висока стапка на искористеност.