Стипендирањето продолжува за најуспешните студенти на ФЕИТ
Петнаесет студенти на електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), десет месеци, ќе добиваат стипендија од по 6000 денари обезбедена од АД „Електрани на Македонија“, АД МЕПСО и ЕВН Македонија. Претставниците на енергетските компании денеска врачија по пет стипендии за најдобрите студенти од ФЕИТ кои ќе бидат стипендирани до крајот на студиите, доколку ја задржат минималната просечна оценка од 8.0.
Со овoj потег кој се очекува да биде востановена практика и во иднина, трите компании заеднички ќе дадат свој придонес и поддршка во едукација и оспособување на стручни и на квалитетни кадри од областа на енергетиката, и воедно ќе им се даде стимул на идните студенти за запишување на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во рамките на овој проект, АД ЕЛЕМ како компанија чии општествено одговорни практики се дел од нејзиното корпоративно портфолио ќе партиципира со стипендирање на пет студенти. Можност да аплицираат имаа студентите запишани во прва година на студиските програми: Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија (ЕАОИЕ), Електроенергетски системи (ЕЕС) и Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ). Стипендијата е во висина од 6.000 денари месечно и важи 10 месеци, со можност за продолжување.
Генералниот директор на АД „Електрани на Македонија“ Дејан Бошковски, кој во име на АД ЕЛЕМ ги додели стипендиите на избраните студенти, го потенцираше значењето на компанијата како стожер на електроенергетскиот систем во нашата земја, како и важноста во неа да се ангажираат квалитетни стручни кадри.
-Студентите од Факултетот за електротехника и информатички технологии ги гледаме како наши идни колеги и менаџери, кои во иднина со своето знаење ќе работат на унапредување на енергетиката, како најважен фактор и основа за економскиот развој на државата. Резултатот е повеќе од очигледен, секоја година значително се зголемува бројот на запишани студенти на насоките за енергетика. АД ЕЛЕМ втора година, доделува стипендии на студенти од ФЕИТ, за да ги поттикне младите да се образуваат и усовршуваат во енергетскиот сектор – рече Бошковски.
Годинава АД ЕЛЕМ додели 5 стипендии, а ги продолжи и стипендиите на студентите од минатата година. Студентите ќе имаат можност да стекнат и практично искуство во компанијата.
Бројот на стипендирани студенти, годинава, е поголем од лани. Исто така, оваа година, студентите покажаа многу повисок просечен успех на положените испити.
-Благодарејќи на нашата иницијатива, залагањето на трите компании од енергетската област и секако, кампањата на Владата за студирање на техничките науки, бројот на запишани студенти на електроенергетските насоки постојано се зголемува. Пред две години бројот на запишани студенти беше околу 30. Првата година со стипендии се зголеми на 60, а минатата година се запишаа над 105 студенти-истакна деканот на ФЕИТ, проф. д-р Миле Станковски.