АД ЕЛЕМ ќе учествува на „Power Gen Europe 2013“
АД „Електрани на Македонија“ и годинава со свој штанд ќе биде присутна на најголемиот саем за енергетика во Европа „Power Gen Europe 2013“, што утре официјално ќе биде отворен во Виена, Австрија.
Саемот, на кој со свои штандови и презентации учествуваат компании од сите континенти, повеќе од една деценија на едно место ги собира најголемите светски брендови чија основна дејност е производство на енергија, но и компании кои произведуваат опрема за енергетски капацитети.
Ова е трето учество на АД ЕЛЕМ на „Power Gen Europe“ во саемскиот дел за промоција на обновливи извори на енергија. Пред две години во Милано и лани во Келн штандот на единствената македонска компанија која доесега излагала на најголемиот саем за енергетика го посетија преку 3.000 посетители и се воспостави комуникација со најголемите компании.
АД ЕЛЕМ и годинава на својот штанд преку 3Д визуелизација ќе ги претстави развојните енергетски проекти во Република Македонија пред потенцијалните бизнис партнери кои ја гледаат Македонија како можна бизнис-дестинација. Ќе бидат претставени паркот на ветерни електрани „Богданци“, хидроелектраната „Бошков Мост“ и акумулацијата „Луково Поле“, проекти од кои дел се веќе во фаза на реализација, а за дел течат подготвителните активности. Годинава по прв пат ќе бидат претставени визуелните презентации на комплексот електрани на Црна Река „Чебрен и Галиште“ и проектот „Вардарска долина“.