ХЕ Света Петка
На 1 август 2012 година официјално беше означен почетокот на работењето на хидроелектраната „Света Петка“, со која целосно се искористува хидропотенцијалот на реката Треска. Инсталираната моќност на хидроелектраната е 36,4 MW и годишно произведува 43 GWh електрична енергија. Вкупната зафатнина на акумулацијата е 9.100.000 м3 вода, а корисниот волумен е 1.100.000 м3 вода.
Електраната е целосно автоматизирана. Со користење на вградената модерна телекомуникациска и процесна опрема нејзината работа може да се набљудува и да се контролира далечински од кое било место, како од производствениот Диспечерски центар на АД ЕСМ во Скопје, така и од НДЦ на АД МЕПСО. Оваа брана со висина од 64 м и со волумен од речиси 30.000 м3 бетон претставува двојно закривена тенка лачна брана и како таква е прва и единствена брана од овој тип изградена во Северна Македонија.
Во изградбата на хидроелектраната искористени се висококвалитетни градежни материјали и најмодерна техника и технологија со што се обезбедува високо технолошко ниво на опременост, минимални трошоци за одржување, сигурен систем и висока стапка на искористеност. Целокупната инвестиција за овој проект изнесува околу 75 милиони евра со што е една од највредните инвестиции во делот на искористување на енергетскиот потенцијал на земјата.
Основните карактеристики на ХЕ Света Петка се: | |
Тип | Надворешна |
Турбини Тип | Франсис |
Инсталирана моќност | 2 x 18,2=36,4 MW |
Бруто пад (max/min) | H max /H min = 40,30/37,40 m |
Нето пад (max/min) | H max /H min = 40.00/36,60 m |
Проектиран протек | 2 x 50 = 100 m3/s |
Генератори | Синхрони 2 x 22,5 MVA |
Брзина | 214,3 Врт./мин. |
Трансформатори | Тип, блок 2 x 22,5 MVA |
Годишно производство | 43 GWh |
Со завршувањето на еден од најсложените енергетски зафати-реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД ЕСМ, заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните „Маврово“, „Глобочица“, „Шпилје“, „Тиквеш“, „Козјак“ и „Света Петка“. Во рамките на проектот инсталирана е дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти.