Историја

ТЕЧЕЊЕТО НА ЕНЕРГИЈАТА НИЗ ГОДИНИТЕ


Електричната енергија е составен дел од нашиот живот. Веќе сме толку навикнати да ја имаме, што воопшто не помислуваме каков би бил животот без неа, не помислуваме од каде таа доаѓа и кој се грижи да ја имаме постојано.
Почетоците на користење електрична енергија во Македонија датираат уште од 1909 година, кога засветила првата светилка во Скопје. Малата дизел електрична централа, која го овозможила тоа, служела за напојување една пумпна станица за градскиот водовод, за осветлување на зградата на Општината, за една улица и за конакот на турскиот валија.

ЕСМ е нераскинливо поврзана со развојот на производството на електрична енергија во Македонија. Иако ЕСМ е основанa како независна компанија во 2005 година како ЕЛЕМ, нејзиното работење и нејзините производствени капацитети датираат уште од почетокот на 20-тиот век, во 1909 година, кога засветува првата светилка во Скопје.
Како што е дадено во продолжение, сликата за развојот на производството на електрична енергија до 2005 година, во рамките на Електростопанство на Македонија е единствена. Оттогаш па се до денес, фокусот на менаџерскиот тим на ЕСМ е понатамошен развој на компанијата.

1909 


Со примена на технологијата на еднонасочна струја, засветува првата светилка во Скопје. Малата дизел електрична централа која го овозможила тоа имала еден агрегат од 44 kW, со напон од 220 до 240 V и служела за напојување на една пумпна станица за градскиот водовод, за осветлување на зградата на Општината, за една улица и за конакот на турскиот валија.

1909 – 1924


Во главниот град пуштени се во погон уште неколку помошни агрегати, а снабдување со електрична енергија добиваат и некои други градови како Тетово, Битола, Велес, Куманово, Прилеп…

1924 – 1940
Позначајни објекти изградени во овој период се ХЕ „Пена“ во Тетово (1.760 kW), пуштена во погон во 1927 година, ТЕ „Дизел“ во Скопје (1.000 kW) пуштена во погон во 1933 година, ХЕ „Матка“ во Скопје (4.160 kW) пуштена во погон во 1938 година, како и ТЕ „Пробиштип“ (1.280 kW) пуштена во погон во 1940 година.

1945 – 1955


По завршувањето на Втората светска војна и конституирањето на НР Македонија како составен дел од некогашната Југословенска Федерација, почнува втората развојна фаза во електростопанството. Основано е електроенергетско претпријатие, кое практично го означува почетокот на „Електростопанство на Македонија“ чиј континуитет, преку различни организациони форми, е одржан до денешен ден. Хронолошки, реализацијата започнува со пуштањето во погон на двата агрегати во ТЕ „Маџари“, а потоа секоја година се става во функција на електроенергетскиот систем по една мала хидроелектрана: Зрновци, Песочани, Сапунчица, Дошница.

1955 – 1970


Во 1957 и 1958 во ХЕ „Вруток“ се пуштени два агрегати со моќност од по 37,5 MW, а една година подоцна пуштени се во погон и ХЕ „Равен“ (12,8 MW) и ХЕ „Врбен“ (12,8 MW), со што се оформи првата фаза од изградбата на „Мавровскиот хидроенергетски систем“. Во овој период се започнати и активности за искористување на хидропотенцијалот на Црнодримскиот слив, така што последователно во 1965 година е пуштена во погон ХЕ „Глобочица“ (42 MW), а во 1969 и ХЕ „Шпилје“ (70,2 MW). Во тоа време пуштени се во погон и две други хидроелектрани – ХЕ „Тиквеш“ (два агрегати од по 46 MW) во 1968 година, а во 1970 и ХЕ „Калиманци“ (12,8 MW).

1970 – 1990 


Оформувањето во современ електроенергетски систем македонското електростопанство го започнува некаде во почетокот на осмата деценија од претходниот век и тој процес трае до денес. Кон крајот на 70-тите години изградени се и термоелектраните, и тоа: ТЕ „Неготино“ во 1978 година; две години подоцна РЕК „Осломеј“, како и сукцесивно трите термо блока во РЕК „Битола“, каде изградбата на последниот блок завршува во 1988 година.

1990 – 2004


  • Во овој период се реализира изградбата на ХЕЦ „Козјак“ која е пуштена во употреба во 2004г. Во „Козјак“ се инсталирани и синхронизирани два агрегата со инсталирана моќност од 80 MW, кои во услови на просечна хидролошка состојба годишно произведуваат 652.000 MWh електрична енергија, а во рамките на хидропроизводството ХЕЦ „Козјак“ обезбедува 1/8 од вкупното хидропроизводство во Македонија.
  • ЕЛЕМ спроведува Проект за ревитализација на хидроцентрали во РМ. Овој проект се одвива во две фази: првата фаза на ревитализација во периодот од 1998 до 2004г и втората фаза од 2010 до 2014. Основни придобивки се зголемување на инсталираната моќност, зголемување на хидропроизводството., намалување на оперативните трошоци и намалување на можноста за испади.
  • Во јуни 2004 е донесена одлука за вклучување на енергијата на ветерот како дел од портфолиото на АД ЕСМ кога Секторот за развој и инвестиции објави јавен повик за изработка на Прелиминарен атлас на ветровите во РМ.
  • Во 2004 г. започна првата фаза за изградба на ХЕЦ „Света Петка“. „Св.Петка“ е последна во низата три каскадни централи на реката Треска заедно со ХЕЦ „Матка“ и ХЕЦ „Козјак“.

2005 – 2011


  • АД „Електрани на Македонија“ (сегашно ЕСМ) е формирано со Одлука на Владата на Р.Македонија бр.19-2626/1 од 30.06.2005, како резултат на реструктуирањето на Електростопанство на Македонија. Владата на РМ во 2005 донесе Статут на Акционерско друштво за производство на електрична енергија, „Електрани на Македонија“, во државна сопственост, Скопје. Дејноста што ја врши АД ЕЛЕМ е регулирана со Статутот на Друштвото, а се сведува на производство на електрична енергија. АД ЕЛЕМ доби лиценца за вршење на енергетска дејност т.е производство на електрична енергија.

  • Во 2008г. ЕЛЕМ презема активности за доистражување на јагленот што се наоѓа во Мариовскиот басен. На овој простор обележано е наоѓалиштето Мариово со потврдени резерви на јаглен од 111 милиони тони.
  • Во 2009г. Секторот за развој и инвестиции на АД ЕЛЕМ изработува апликација за европските ИПА-фондови за одобрување грант за изработка на физибилити студија за проект „Соларна електрана во Битола“, прва од ваков вид во Македонија. Проектот е поддржан од француската влада којашто во 2011г додели грант од пола милион евра за да се изработи физибилити студија што ќе ги предвиди најдобрите варијанти за изградба на соларна електрана.
  • Во 2010г. АД „Електрани на Македонија“ почна капитален зафат за експлоатација на подинските јагленови серии во рудникот Суводол кои претставуваат нов извор на јаглен потребен за производство на струја во термоелектраните Битола за наредните две децении. Отворањето на подинската јагленова серија е еден од многуте проекти за зајакнување и модернизација на производствените капацитети. Исто така, ЕЛЕМ и германската компанија Тисен крупп потпишаа договор за набавка и монтажа на главниот транспортен систем за јаглен во РЕК Битола. Инвестицијата е вредна 18,6 милиони евра, а ќе биде наменета за континуиран транспорт на јаглен.
  • Во текот на 2010г. целосно заврши реконструкцијата и модернизацијата на двата турбоагрегати во подружница „Енергетика“. Со реализацијата на проектот, АД ЕЛЕМ дополнително доби на располагање 21 MW нова инсталирана моќност за потребите на електроенергетскиот систем на Република Македонија. За овој проект, реализирани се инвестициони активности во износ од околу 3,6 милиони евра.
  • Во 2010г. беше пуштен во функција нов Диспечерски центар за контрола и за управување со производните објекти (СКАДА) кој обезбеди прецизно планирање, координирање и регулација на производството на електрична енергија од постоечките термо и хидроелектрани. Диспечерскиот центар е инвестиција вредна 2.2 милиона евра.
  • Во 2010 година  постигнато е најголемото производство на електрична енергија од постоењето на електроенергетскиот систем во Република Македонија и се испорачани 6.462 гигават часови. Во однос на производството на хидроенергија, реализирани се 2.185 гигават часови што е над 70% повеќе во однос на  просечното производство. Во хидропроизводството остварени се рекордни производствени резултати кај сите хидроелектрани од почетокот на нивното вклучување во електроенергетскиот систем на Република Македонија. 
  • Во 2010 започна втората фаза од проектот „Ревитализација на шест хидроелектрани“ а се однесува на зголемување на ефикасноста и пораст на производството на електрична енергија. Проектот вклучува ревитализација на хидроелектраните „Вруток“, „Равен“, „Врбен“, „Глобочица“, „Шпилје“ и „Тиквеш“. Оваа фаза е планирано проширување, надополнување и продолжување на мерките од првата фаза.
  • Во 2011г. АД ЕЛЕМ, во соработка со реномираната германска консултантска куќа „Фихтнер“, започна со активностите за изградба на проектот Парк на ветерни електрани „Богданци“. Проектот  „Богданци“ се реализира во рамки на Спогодбата за финансиска соработка од Програмата за енергетска ефикасност меѓу владите на Македонија и на Германија. 
  • Во 2011 г. ЕЛЕМ обезбеди средства за изградба на ХЕЦ „Бошков мост“. Вредноста на проектот е 107 милиони евра, од кои Европската банка за развој ќе обезбеди заем од 65 милиони евра, а 42 милиона евра ќе бидат средства на Електрани на Македонија. ЕЛЕМ ангажираше домашни консултанти и изработи еколошка студија за заштита на животната средина и социо-економските аспекти, што ќе гарантира дека хидроцентралата нема да го наруши еколошкиот амбиент и Националнит парк „Маврово“.
  • Во 2011г. ЕЛЕМ потпиша договор со германската консултантска компанија „Поири инфра“ за изработка на Студија за влијанието врз животната средина од реализацијата на проектот „Луково Поле“. Изработката на студијата чинeше 272.000 евра, а беше финансирана од кредитот од Светска банка доделен на ЕЛЕМ за подготвителни активности за „Луково Поле“.
  • ЕЛЕМ вложува 2,5 милиони евра за доистражување на јагленовото наоѓалиште Живојно. Се претпоставува дека наоѓалиштето располага со околу 110 милиони тони геолошки резерви на јаглен, а анализите на веќе извадените мостри покажуваат дека рудата е поквалитетна од онаа која се копа во постоечкиот површински коп „Суводол“.

2012


  • Во јули беше пуштен во функција главниот транспортен систем за јаглен од рудникот„Брод-Гнеотино“ до површинскиот коп Суводол во должина од околу 10 километри кој го изведе  германската компанија Thyssen Krupp. Системот обезбеди транспорт на јаглен до Суводол во континуиран режим, а во перспектива ќе биде подготвен да го прифаќа јагленот од новото јагленово наоѓалиште Живојно. Реализацијата на овој значаен проект на АД ЕЛЕМ значи заокружување на производниот процес во новиот површински коп „Брод – Гнеотино“, директно зајакнување на можностите и ефикасноста на трите рудници и продолжување на животот на нашиот најголем електроенергетски капацитет РЕК „Битола“. Транспортниот систем за јаглен се протега на траса со должина од околу 10 километри, брзината на движење на гумената лента изнесува 4,8 метри во секунда , неговиот капацитет е 3.800 тони јаглен на час, а го сочинуваат пет секции со пет погонски станици како и комплетна инфраструктура од натпатници и испусти за одводнување. Целокупната инвестиција за овој проект изнесува 18,6 милиони евра.
  • Во август беше пуштена во функција ХЕ „Света Петка“, со која целосно се искористува хидропотенцијалот на реката Треска. Инсталираната моќност на хидроелектраната е 36,4 мегавати и годишно ќе произведува  66 гигават-часови електрична енергија. Електраната е целосно автоматизирана и со користење на вградената модерна телекомуникациска и процесна опрема нејзината работа може да се набљудува и да се контролира  од производниот диспечерски центар на АД ЕЛЕМ во Скопје, како и од НДЦ на АД МЕПСО. Со изградбата на ХЕ „Света Петка“ целосно се поврзува повеќенаменскиот хидросистем  Скопско Поле, во кој освен оваа централа влегуваат и ХЕ „Козјак“ и ХЕ „Матка“.
    Браната со висина од 64 метри и со волумен од речиси 30 илјади метри кубни бетон претставува двојно закривена тенка лачна брана и е прва и единствена од овој тип изградена во Република Македонија. Во нејзината изработка се користени специјални материјали. Целокупната инвестиција за овој проект изнесува 75 милиони евра, со што е една од највредните инвестиции во делот на искористување на енергетскиот потенцијал на земјата.Изградбата на хидроелектраната постави  нови стандарди во полето на изградба на хидроенергетски капацитети, за Република Македонија, како и за поширокиот регион
  • Во август исто така беше пуштен во функција транспортниот систем за водено отпепелување на пепелта во РЕК „Осломеј“. Со овој еколошки проект трајно ќе се реши проблемот со отпепелувањето од термоелектраната „Осломеј“ и во целост ќе се задоволат строгите законски прописи од областа на екологијата и заштитата на животната средина, ќе се реши проблемот со лебдечката пепел, нус појава од производството на електрична енергија, која три децении создаваше проблеми на локалното население што гравитира околу РЕК „Осломеј“. Целокупната инвестиција за овој проект изнесуваше 4 милиони евра.
  • Воведовме стандард за заштита на животната средина и управување со отпад, уште една потврда дека компанијата работи според најновите корпоративни светски стандарди и во своето секојдневно функционирање посветува огромно внимание на заштитата на животната средина. АД „Електрани на Македонија” го доби сертификатот ИСО 14001:2004 откако во своето работење целосно го имплементира системот за заштита на животната средина. По извршената стручна проверка  на процесот, меѓународната акредитирана сертификациска куќа  „СГС Београд“ даде препорака за издавање на сертификатот. Сертификатот има огромна важност, не само за нашата компанија, туку и за Република Македонија. Воведените новини во работењето ќе значат заштеда на суровини, зголемена енергетска ефикасност, подобро и полесно управување со трошоците. Меѓу придобивките е и целосната реорганизација и третманот на ресурсите и отпадот кои имаат директно влијание врз животната средина.
  • Во најголемиот комбинат за производство на електрична енергија, РЕК „Битола“,заврши реализацијата на мега проектот вреден 55.9 милиони евра за модернизација и автоматизација на термоблоковите и продолжување на работниот век на ТЕ „Битола“. Со овој капитален зафат, досега најголем во историјата на РЕК „Битола“,  што го изведуваше руската компанија „Силовије Машини“, моќноста на  секој термоблок е зголемена за 8,3 MW или вкупно за 24,9 MW.
  • АД ЕЛЕМ го изгради магистралниот топловод во должина од два километри за населбата Автокоманда, инвестиција вредна 1,7 милиони евра направена на барање на граѓаните.

2013 


  • Електрани на Македонија преку својата подружница „Енергетика“ од 1 јануари 2013 година почна да испорачува топлинска енергија за потрошувачите на целата територија на скопската населба Автокоманда. За таа намена, компанијата во текот на минатата година го изгради магистралниот топловод во должина од два километри за населбата Автокоманда. Станува збор за инвестиција вредна 1,7 милиони евра реализирана на барање на граѓаните и на локалната самоуправа,а во соработка со Град Скопје. Со новата инвестиција, на мрежата на ЕЛЕМ Енергетика се приклучија дополнителни 1.854 семејства во 70 станбени единици, како и градинки, училилишта, спортски сали и трговски објекти.
  • Се изведува зафатот за модернизација на котелскиот систем во ТЕ „Битола 2“. Проектот вреден 88,5 милиони евра опфаќа целосна промена на јагленовиот тракт, доводот на јаглен, доводот на воздух, промена на поголемиот дел од цевниот систем, намалување на нивото на штетните емисии и редица други зафати врз сите три термоблокови во РЕК „Битола“. Со целосната реализација на проектот штое планирано да заврши до октомври 2015 година, АД ЕЛЕМ ќе стане компатибилен во делот на емисија на азотни оксиди и ќе ги исполни најстрогите европски директиви за заштита на животната средина.
  • ЕЛЕМ инвестира 3,5 милиони евра за геолошки и за геотехнички доистражувања и испитувања на јагленовото лежиште Живојно. Истражувањата се завршени во март 2013 година, а со изработката на елаборати за рудните резерви и нивната ревизија се заокружува процесот на доистражување во Живојно – како локација за нов рудник за јаглен, кој е неопходен за продолжување на животниот век на РЕК „Битола“. Проценките се дека во овој рудник АД ЕЛЕМ ќе инвестира околу 103,5 милиони евра, а реализацијата би започнала по изработката на Главниот рударски проект.
  • Во третата декада на февруари почна ревитализацијата на хидроелектраните на АД ЕЛЕМ – втора фаза.
  • АД ЕЛЕМ интензивно работи на проектот за топлификација на општините Битола, Новаци и Могила. За таа намена, во 2011 и 2012 година е изведена реконструкција на турбините на два термоблока во РЕК „Битола“, зафат во вкупна вредност од 4 милиони евра. Во текот на модернизацијата на турбинскиот блок 3, целосно е овозможено регулираното одземање на пареа со вградување на обвојници на новите преструјни цевководи помеѓу цилиндрите за висок и низок притисок, а истиот зафат е извршен и врз ТЕ „Битола 2“.
  • Во мај минатата година на локацијата Ранавец беше означен камен-темелник и почеток на градежните активности на ПВЕ „Богданци“. Во овој проект вреден 55.5 милиони евра, заемот од Владата на Сојузна Република Германија преку КФВ банката изнесува 47.9 милиони евра, додека 7.6 милиони евра обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.

2014


  • Во февруари заврши изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“, прв ваков објект во Република Македонија, што ќе го користи ветерот како погонска сила за производство на електрична енергија. Подигнувањето и монтажата на ветерниците на локацијата Ранавец заврши на 20 февруари со што и официјално е заокружена најтешката фаза од изградбата која траеше 76 дена. Кон крајот на март 2014 година беше спроведена координирана операција на трите енергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО И ЕВН – Македонија за приклучување на ветерниот парк на електропреносната мрежа преку трафостаницата во Валандово. Со тој зафат практично се создадоа потребните предуслови да започне тестирањето на комплетната опрема преку пробно производство на електрична енергија што почна на почетокот на април кога беа испорачани и првите киловат-часови кон електроенергетскиот систем на Република Македонија. Турбините се производство на Сименс – Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 MW, висината на столбот изнесува 80 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. ПВЕ „Богданци“се очекува да испорачуваат најмалку 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Македонија. Истовремено тие ќе ја зголемат инсталирана моќност за 36 ,8 MW. Со овој проект се зголемува и учеството на обновливите извори во портфолиото на АД ЕЛЕМ.
  • На 31 јули е означен крајот на еден од најсложените технички зафати изведени во постојните енергетски хидрокпацитети во сопственост на АД ЕЛЕМ. Целосно е заокружена ревитализацијата на хидроелектраните – втора фаза и е означен нов почеток за модернизираната хидроелектрана „Вруток“. Проектот во сиот свој обем вреден 36,6 милиони евра што почна во февруари 2013 година, обезбедува продолжување на животниот век на нашите големи хидроелектрани и нивните придружни градежни објекти, како и зголемување на нивната сигурност и способност. Во целиот процес целосно е завршена замената на застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема. Зголемена е и инсталираната моќност за дополнителни 18,31 МW како и годишното производство на електрична енергија за околу 50 GWh. Во периодот од февруари 2013 до јуни 2014 година етапно беа целосно ревитализирани сите четири агрегати. Инсталираната моќност на четирите агрегати е зголемена од 37,5 MW на 41,4 MW или 4 MW по агрегат. Придобивките од ревитализацијата на генераторите во ХЕ „Вруток“ се: зголемување на инсталираната моќност на хидроелектраната од 150 MW на 166 MW со речиси иста потрошувачка на вода по агрегат, потоа зголемување на нивната ефикасност, зголемување на способноста на системот, како и продолжување на работниот век за наредните три децении. Паралелно со пуштањето во работа на четирите генератори од ХЕ „Вруток“, заменети беа и пуштени во работа четирите блок-трансформатори. И во ХЕ „Равен“ што се наоѓа во близина на „Вруток“ се заменети трите блок-трансформатори со нови 9MVA трансформатори. Во однос на активностите поврзани со Мавровските хидроелектрани заврши надградувањето на браната „Леуново“, што овозможи зголемување на акумулацијата на Мавровското Езеро и можност за прифаќање дополнителни над 32 милиони кубици вода, односно дополнителни 50 гигават-часа електрична енергија. Завршена е и реконструкцијата на „Речкиот“ и “Шарскиот канал“, со што евентуалните загуби на вода од овие објекти се сведени на минимум. И во двата канали санирани се детектираните оштетувања и отстранети се потенцијално критичните места од евентуалното лизгање на земјиштето со што е подобрена сигурноста на каналот за наредните пет децении. Со овие зафати практично ќе се заштити локалното население од потенцијалните ризици при лизгање на земјиштето. Со проектот е изработен нов армирано-бетонски канал на најоштетените делници од доводот во вкупна должина од 510 метри, а истовремено на овие делници како и на две други, се изработени дренажи за зафаќање на подземните води кои предизвикуваа или можеа да предизвикаат свлекување на земјиштето. Извршена е и санација на Толјанскиот тунел на најкритичните делници. Со зафатот значително се зголеми сигурноста на самиот тунел, а истовремено се намалија загубите на вода низ објектот. Во рамките на проектот инсталирана е додатна опрема, особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти. Ревитализирана е инјекционата завеса на браната на ХЕЦ „Шпилје“, а заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните „Маврово“, „Глобочица“, „Шпилје“, „Тиквеш, “ „Козјак“ и „Св.Петка“.

2019


  • АД ЕЛЕМ според обврските од Преспанскиот договор е преименувана во АД ЕСМ (АД Електрани на Северна Македонија)
  • АД ЕСМ инвестираше околу 13 милиони евра за купување и ставање во функција на гасната електрана КОГЕЛ којашто десеттина години беше во мирување. Во октомври 2019 г. се промовираше новиот енергетски капацитет – когенеративна гасна електрана КОГЕЛ што ќе работи во рамките на подружницата „Енергетика“, од каде што со топлинска енергија односно со парно греење се снабдуваат околу 3.500 домаќинства, 17 основни и средни училишта, и градинки, како и преку 75 правни субјекти од населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром. КОГЕЛ се состои од 10 гасни мотори со вкупна електрична моќност од околу 30 мегавати, што можат да оддадат топлинска моќност од околу 26 мегавати. КОГЕЛ нуди можности за пласирање на три производи – електрична енергија, топлинска енергија и технолошка пареа. Ваквиот тип енергетски постројки се од исклучителна важност за стабилноста на електроенергетскиот систем, бидејќи при евентуален недостиг на електрична енергија од останатите капацитети покажуваат одлични перформанси и голема стабилност во производството на електрична и на топлинска енергија, со оглед на тоа што гасните мотори во КОГЕЛ овозможуваат брзо вклучување во работа и брза синхронизација.

2021


  • Започната е изградбата на системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци што ќе користи топлинска енергија од РЕК „Битола“. Градежните работи почнаа во кругот на комбинатот односно во непосредна близина на блоковите за производство на електрична енергија и се одвиваат непречено со поставување на цевководот во правец кон селото Новаци. За проектот „Топлификација на Битола, Могила и Новаци“ се користи кредит од германската КфВ банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ инвестира 7 милиони евра сопствени средства. На топлификацијата ќе се приклучат 35 државни  и општински институции во Битола што ќе користат една третина од капацитетот на системот, а со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради, и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила. Изведувачите на работите, фирмите Рапид Билд и Гранит, имаат рок од две години за извршување на првата фаза од проектот за која е потпишан договорот, а тоа е ископ за трасирање на топловодот и поставување на топловодните цевки од РЕК „Битола“ до градот Битола, како и секундарна, односно дистрибутивна мрежа во градот, по што ќе следи втората фаза во која ќе бидат поставени потстаници што ќе го поврзат цевководот со РЕК „Битола“ и со разгранетата дистрибутивна мрежа низ градот Битола. Во третата фаза ќе бидат поставени потстаници на институциите што ќе бидат приклучени на греењето.
  • РЕК „Битола“, со инвестицијата вредна 17.550.000 евра за набавка на сопствена помошна механизација за потребите на рудниците „Суводол“ и „Брод-Гнеотинo“, задоволува 30 проценти од потребите за помошна механизација. Во РЕК „Битола“ се пристигнати сите 36. одделни парчиња сопствена механизација нарачани за потребите на комбинатот (грејдери, дампери, камиони-влекачи за нисконосечка платформа, булдожери, автодигалки, цистерни, камиони со товарен сандак и дигалки со носивост од 30 тони). Механизацијата е од реномирани и докажани производители како Волво, Коматцу, Рено, Белас и други, кои со вредностите и карактеристиките што ги нудат гарантираат и квалитет во извршувањето на работите. Со оваа набавка значително се намалуваат вкупните трошоци за користење машини од надворешни фирми, а се овозможува зголемување на стабилноста, сигурноста и продуктивноста на производството на електрична енергија. Заштедите што произлегуваат од намалувањето на трошоците за користење машини од надворешни фирми, генерираат средства што комбинатот планира да ги насочи во проекти за еколошко производство на електрична енергија, прифатливо за стандардите што ги пропишува ЕУ, но и за заштита на животната средина.

2022


  • Фотонапонската електрана „Осломеј 1“, во април годинава, почна да ги произведува првите количини чиста и зелена електрична енергија од сонце. Фотонапонската електрана на АД ЕСМ изградена во кругот на РЕК „Осломеј“ со моќност од 10 MW e прв пример на енергетска транзиција во Југоисточна Европа каде што електричната енергија ќе се произведува од сонце преку панели поставени на просторот врз стариот и исцрпен рудник за јаглен. Фотонапонската електрана во „Осломеј“ е пуштена во производство и е прва во низата електрани што треба целосно да го заменат досегашниот инсталиран капацитет на РЕК „Осломеј“. ФЕ „Осломеј 1“ е во целосна сопственост на АД ЕСМ. Изградбата на електраната чинеше 7 милиони евра, од кои дел се сопствени средства, а дел се кредитна линија од Европската банка за обнова и развој, што обезбедува поволни услови за поддршка на инвестиции во обновливи извори. Изведувач на работите е турската компанија „Гиришим електрик“ со којашто беше потпишан договор за градба во ноември 2019 г. Фотонапонска електрана „Осломеј“ предвидено е да има годишното производство од 15 до 17 гигават-часа електрична енергија, да исфрли 13.000 тони емисии на CO2 годишно и да ги обезбеди потребите за струја на околу 2.800 домаќинства, но истовремено се прави рекултивација и облагородување на 19 хектари површина необработливо земјиште. Проектот на транзиција продолжува со фотонапонска електрана Осломеј 2 од 10 MW, што е во фаза на подготовка на документација, и со подготвителни работи за почеток на изградбата на две електрани по 50 MW со јавно-приватно партнерство со компаниите Соларпро-Бугарија и Фортис Енерџи-Турција.