Енергетска ефикасност
Зголемената потрошувачка на енергетски горива и други енергетски потенцијали ја наметнува потребата од посериозно третирање на енергетската ефикасност. Постапувањето на друг начин со енергетската ефикасност произлегува не само затоа што енергетските горива се ограничени туку и заради општите директиви што се однесуваат на заштитата на животната средина.
Европската регулатива „Европа 2020“ за паметен, одржлив и сеопфатен развој („Еurope 2020, A strategy for smart, sustainable and inclusive growth”) предвидува мерки за намалување на емисиите на издувни гасови за 20%, потоа зголемување на користењето на обновливи извори на енергија за 20% и зголемување на енергетската ефикасност за 20% до 2020, а во однос на 1990 година. Имплементирањето на овие мерки, меѓу другото, ќе придонесе за подобра односно поквалитетна иднина за следните генерации, но и отворање на нови работни места.
Енергетска ефикасност всушност значи извршување иста или поголема низа активности со иста или помала количина потрошена енергија (електрична, топлинска, светлосна, кинетичка) и со помала емисија на јаглерод диоксид во атмосферата. Меѓународниот панел за климатски промени ја дефинира енергетската ефикасност како обратнопропорционална на енергетската интензивност. Притоа, зголемената енергетската ефикасност не треба да биде на сметка на намалувањето на удобноста на корисниците. Со имплементација на мерките за енергетска ефикасност, истовремено, се обезбедуваат услови за одржлив развој. Тоа значи дека со намалено искористување на енергетските извори им се овозможува на идните генерации да имаат ресурси за сопствен раст и развој.
Неефикасната употреба на електрична енергија се зголемува пропорционално со зголемувањето на потрошувачката на електрична енергија, со зголемената активност во стопанството и употребата на застарена технологија. Дополнително, со ова се зголемува неповолното влијание на животната средина и се трошат ресурси што не можат да се повратат, а притоа, следните генерации нема да имаат соодветен пристап до нив.
Покрај потрошувачите, кои се стремат да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, исто така, и енергетските компании се трудат да придонесат за постигнување на целите поставени за 2020 година. Во поново време, големите енергетски компании во Европа и во светот, вклучувајќи го и АД ЕСМ, во интерес на максимално искористување на електричната енергија и намалување на сопствената потрошувачка на енергија, спроведуваат мерки за имплементирање на енергетската ефикасност. Сите овие мерки се во правец на следење на препораките од усвоените стратегии за енергетска ефикасност, за енергетика и за обновливи извори, кои, пак, предвидуваат намалување на енергетската потрошувачка за 9% од крајните корисници до 2018 споредбено со потрошувачката од 2002 – 2006 година.
Енергетската ефикасност донесува големи придобивки во секојдневниот живот:
- намалување на потребата од увоз на енергија,
- поефикасно греење и ладење,
- заштеда на средства,
- поквалитетна животна средина,
- намалување на ризикот од разни болести предизвикани од штетни материи, а кои се резултат на енергетското производство,
- зголемување на бројот на работни места и
- зголемување на примената на обновливи извори на енергија.
Овие придобивки во голема мера придонесуваат за развој на свеста кај луѓето. Со проектот за енергетска ефикасност можни се заштеди на досегашните трошоци, а тоа значи дека инвестициите за зголемување на енергетската ефикасност се исплаќаат. Така што заштедите можат да се пренаменат во задоволување на други потреби и зголемување на конкурентноста на македонските бизниси.
На енергетските компании кои произведуваат електрична и топлинска енергија зголемувањето на енергетската ефикасност им ја зголемува конкурентноста, со тоа што се отвораат можности за:
- поефикасно искористување на јагленовите резерви,
- издвојување помалку средства за сервисирање на опремата и
- пренамена на приходот наменет за сервисирање во други инвестиции.
АД ЕСМ има стратегија за подобрување на енергетската ефикасност и намалување на сопствената потрошувачка на електрична енергија. Во стратегијата се вклучени неколку поголеми проекти, како на пример:
Компензацијата на електрична енергија во рудниците во РЕК „Битола“
За овој проект направени се пресметки, симулации и анализи, како и претпоставени заштеди и придобивки. Резултатите се добиени врз основа на моменталната состојба на електроенергетската мрежа во рудниците „Суводол“ и „Брод-Гнеотино“, со потрошувачи кои тогаш биле во функција и за важечката цена на електрична енергија. Дополнителен интерес за овој проект има затоа што со негова примена ќе се подобри факторот на моќност. Според направените анализи за среднонапонската мрежа и предвидената сопствена потрошувачка во рудниците, со подобрување на факторот на моќност, за двата рудници, би се добила вкупна заштеда од околу 22 GWh на годишно ниво. Покрај придобивките од подобрување на факторот на моќност и намалување на сопствената потрошувачка на електрична енергија, со примена на компензацијата на електрична енергија, се намалува ефективната вредност на струјата во елементите на мрежата, а со тоа, пак, би се постигнало намалување на: загубите на напонот, загубите на активната моќност, загубите на реактивната моќност и привидното оптоварување на генераторите, трансформаторите и водовите.Со спроведувањето во пракса би се создале услови да не дојде до преоптоварување на генераторите, трансформаторите и водовите и би се обезбедила резерва за дополнително зголемување на активното оптоварување.
Замена на електромоторни погони и нивно управување со фреквентни регулатори за димни вентилатори и напојни пумпи во ТЕЦ „Битола“
Втор значаен проект, поврзан со имплементација на енергетската ефикасност во РЕК Битола, со кој се добиваат најголеми заштеди на електрична енергија, дури и до 60%, е замената на електромоторните погони – работниот механизам – вентилаторот и неговото работно коло. Фреквентниот регулатор учествува со 25% во вкупната заштеда на електрична енергија, а со употреба на високоефикасен електромотор може да се постигне 15% заштеда на електрична енергија. Во тек е изработка на техно-економска анализа која би ја покажала оправданоста за инвестирање. За почеток беше потребно да се земе предвид моменталната состојба на електромоторните погони и проблематиката при процесот на нивната работа и одржување, потоа нивната старост, намалување на загубите и на трошоците за одржување, зголемување на ефикасноста, како и зголемување на стабилноста и сигурноста. По направените прелиминарни анализи, беше донесен заклучок дека примената на електромоторни погони со асинхрон мотор за вентилатори и пумпи со променлива брзина, може значително да ја намали потрошувачката на електрична енергија и истовремено да ги намали производните трошоци, а воедно се докажа исплатливоста на инвестицијата во поглед на енергетската ефикасност. Освен заштедата на електрична енергија, уште поважен е ефектот што ќе придонесе за заштита на околината, што, пак, треба да се дефинира преку проект кој е во реализација. Тие резултати, како и подигањето на моќноста на блоковите, мора да се појдовна основа за модернизација на погонот на димните вентилатори. Исто така, потребно е да се земе предвид дека нормално време на експлоатација на електромоторен погон е 20 години, што е речиси двојно во однос на експлоатацијата на погоните во РЕК „Битола“, за што секако голем придонес има одржувањето. Во таа смисла најголема заштеда на електрична енергија може да се постигне со соодветен дизајн и избор на работниот механизам вентилатор и придружното работно коло. Заштедата од овој проект би била околу 2 GWh на годишно ниво.
Мерки за енергетска ефикасност во подружница „Енергетика“
Во подружница Енергетика спроведувањето на енергетската ефикасност се однесува пред сè на планираната оптимизација на постројките и на технолошкиот процес, вклучувајќи ја набавката и монтажата на котлите. Во студијата за оптимизација на постројките и на технолошкиот процес, изработена во мај 2015 година, којашто опфаќа анализа на постојната состојба, наведени се и насоки како да се намалат загубите во системот, насоки за гаснење на системот во текот на ноќта односно да не се испорачува топлинска енергија во ноќниот период, потоа намалување на сопствена потрошувачка на топлина, намалување на загубите на вода, како и добивање исплатлива цена за производство на топлинска енергија.
Друг значаен проект за подобрување на енергетската ефикасност е реконструкција на вреловодната станица. Со овој проект, освен што ќе се обезбеди сигурност во електричното напојување, ќе се овозможи фреквентна регулација на циркулационите пумпи, со што намалувањето на протокот, во услови различни од проектните, ќе значи и сериозно намалување на потрошувачката на енергија кај овие пумпи. Обезбеден е континуиран мониторинг и управување со системот (SCADA).
Со проектот за осовременување на електроопремата ќе се зголеми сигурноста во снабдувањето со електрична енергија на потрошувачите приклучени на дистрибутивната мрежа во сопственост на ЕЛЕМ, а истовремено ќе се намалат загубите на електрична енергија и ќе се овозможи решение за приклучување на новата КОГЕЦ.
Сите претходно наведени позитивни резултати претставуваат стабилна основа и понатамошна мотивација за да се преземат дополнителни чекори во насока на зголемување на мерките за енергетската ефикасност во рамките на АД ЕЛЕМ, кои воедно ќе значат заштеда на финансиски средства што во иднина би се пренамениле за инвестирање во други проекти.
Преземени чекори за зголемување на енергетската ефикасност
Проектите за енергетска ефикасност во АД ЕСМ почнаа да се реализираат во 2016 година. Секоја подружница имаше задача да предложи по три проекти за зголемување на енергетската ефикасност. Во 2015 година, нашата компанија, преку подружниците „Енергетика“ и РЕК „Битола“се вклучи во проектот „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии“. Проектот е под покровителство на УНИДО, а за негова успешна реализација беше формирана работна група чии членови од почетокот па до денес, учествуваа во повеќе обуки за развивање на системот за управување со енергија-ЕнМС.
По дефинирањето на политиката за енергетска ефикасност на АД ЕСМ и нејзиното усвојување почна реализацијата на проектот. На почетокот се утврдија ограничувањата на системот за управување со енергија и се доделија улоги и одговорности на членовите на работната група. Врз основа на добиените податоци беа дефинирани значајните енергетски потрошувачи, беа определени енергетските перформанси со користење на регресивна анализа на податоците, и врз база на тие модели се поставија реалните и остварливи цели, и се изработија неколку акциони планови.
Значење на проектот
Проектот има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови преку имплементација на низа мерки за зголемување на енергетската ефикасност: примена на најсовремени практики и технологии, преку системот за управување со енергија и други системи за оптимизација, зголемена и подобрена понуда на консултантски услуги во оваа област и инвестиции во проекти за зголемување на енергетската ефикасност.
Цели на проектот се:
- Развивање на систем за управување со енергија ЕнМС (во согласност со ИСО 50001) и имплементирање на мерки и проекти за рационално користење на енергијата
- Зајакнување на капацитетот на АД ЕСМ, подобрување на енергетските перформанси и намалување на трошоците за потрошената енергија
- Намалување на емисиите на стакленички гасови и поголема заштита на животната средина
- Зголемување на оперативната ефикасност и поквалитетно одржување на системот
АД ЕСМ ќе продолжи со инвестициските проекти што ја зголемуваат енергетската ефикасност во сите подружници, и ќе иницира дополнителни обуки и нови кампањи за зголемување на свесноста за енергетска ефикасност и спроведување на ЕнМС системот за управување со енергија базиран на ИСО 50001.
Кон крајот на годинава ќе се направи интерна проверка на системот за управување со енергија на АД ЕСМ, ќе се ревидираат активностите имплементирани во 2017 година и врз основа на утврдените податоци ќе се усвои нов план за енергетски заштеди за 2018 година.